November 30, 2020 14:14
Македонија

Берлински процес: Се договара патување со лична карта во Западен Балкан

„Олеснето движење во регионот на Западен Балкан со лични карти: Кон Регионален договор за поблизок, подобро поврзан регион и повеќе предности за граѓаните“, е првата точка на која денеска се осврнаа министрите за внатрешни работи на земјите од иницијативата „Берлински процес“, како и претставници на ЕУ, чиј домаќин е Република Северна Македонија, а со кој ќе сопретседаваат министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски заедно со министерот за внатрешни работи на Република Бугарија Христо Терзијски.

Министерот Спасовски ја поздрави и поддржа иницијативата за Регионален договор за слобода на движење и престој со лична карта, како еден од важните приоритети на годинешното заедничко Претседателство со Берлинскиот процес и упати благодарност до Советот за регионална соработка, како важен партнер во операционализацијата на оваа иницијатива.

„Олеснетите процедури за движење на лица ќе придонесат кон зајакната регионална размена и трговија. Дополнително, слободата на движење во регионот ќе ја зголеми и конкурентноста на пазарот, а уверен сум дека бизнис заедницата, но и сите граѓани што живеат овде тоа и го очекуваат од нас. Од овие причини, ние, министрите за внатрешни работи од земјите од Западен Балкан, треба да ја поддржиме и поттикнеме практичната реализација на проектите од наша надлежност, а особено на оваа иницијатива“, посочи Спасовски.

Тој подвлече дека остануваме целосно посветени на нашата европска агенда и продолжуваме понатаму со несмален интензитет, посветена и одговорна работа и реализација на сите активности кон европеизација на нашата земја и нејзино приближување до евроатлантските системи.

„Дозволете ми да изразам особено задоволство од соработката и координацијата што сами по себе се наложија со преземањето на заедничкото претседавање со Берлинскиот процес со Република Бугарија. Заедничкото организирање и претседавање на овој состанок се вистински доказ дека со волја и посветеност можеме да постигнеме многу, дури и во услови на пандемија. Иднината на Регионот е во ЕУ, а наша одговорност е тоа да го реализираме. Заедно секогаш можеме повеќе!“, истакна Спасовски, изразувајќи благодарност до Владата на Обединетото Кралство за постојаната посветеност и работа во областа на министерствата за внатрешни работи и сигурност во нашиот регион, како и до Сојузна Република Германија, од аспект на визонерската иницијатива за формирање на Берлинскиот процес, како платформа за развој на регионалната соработка во Западен Балкан и неговата европска интеграција.

Инаку, за првпат во историјата на претседавањето со Берлинскиот процес, годинава имаме заедничко сопретседавање на земја членка на Европската Унија и на земја од регионот од Западен Балкан.