December 3, 2022 09:59
Свет

Бербок повторно ги отфрли полските барања за воени репарации

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска во Варшава повторно отфрли дека Германија треба да и исплати на Полска воени репарации во износ од 1.300 милијарди евра, колку што вчера побара шефот на полската дипломатија Збигњев Рау.

„Прашањето за репарации за германската Влада е затворено. Германците ја признаваат својата историска одговорност без никакви ограничувања. Наша вечна должност е да потсетуваме за страдањата на Полска предизвикани од Германија. Мораме да го пренесеме тој спомен на младите луѓе. Добрата вест е дека имаме заедничка иднина во нашата Европска унија. Се радувам на фактот дека денес можеме да разговараме како заедно да ги користиме нејзините инструменти за доброто на нашите народи”, рече Бербок.

Министерот за надворешни работи на Полска, Збигњев Рау, по вчерашната средба со германската министерка потврди дека до Берлин е испратена дипломатската нота со побараувања за воена репарација во вкупна сума од 1.300 милијарди евра, колку што беше наведено во Извештајот за воените загуби на Полска претставен минатиот месец.