November 30, 2020 21:49
Култура Магазин

„Бел“, „Ежето Снеже“, „Брзоплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ и „Ѕвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ наградени на „Литера“ 2020

Сликовницата „Бел“, по текст на Ника Гавровска и илустрации на Ристо Аврамовски ја доби наградата за најдобро илустрираното дело во изминатата година на Меѓународниот фестивал за литература и илустрации за деца „Литера“ од Скопје. Оваа награда на пиедестал го става визуелното решение на делото. Три награди фестивалот додели за најдобри сликовници или книги за деца, вреднувајќи го текстот во делата. На конкурсот учествуваа нешто помалку од 30 изданија.

За најдобра сликовница за предучилишна возраст е прогласена „Ежето Снеже“ од Неше Рамовиќ, а илустрации на Иванка Ниба, во издание на „Art & Art studio Batev“. Во категоријата литература за деца од 6 до 13 години, за најдобра книга е прогласена „Брзоплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ од Катерина Трајановска (илустрации на Калиопи Трпчева) во издание на „Арс ламина“, а во категоријата книги за млади – наградена е авторката Билјана С.Црвенковска за „Ѕвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ со илустрации на Нита Муча, како книга-нопак (книга што се чита одзади) издание на „Чудна шума“.

Фестивалот „Литера“ прва година доделува награди за најдобрите изданија. Идејата е да се поттикне и да се поддржи литературата и илустрацијата за деца.

За наградата за најдобро илустрирано дело одлучи жирито во состав: Ване Костуранов, Софија Семенпеева-Трајановска и Емилија Ќипроска.

Во нивното образложение стои:

„Како комплетно визуелно решение се издвојува сликовницата „Бел“ на авторката Ника Гавровска и врвните илустрации на Ристо Аврамовски, кој користејќи ладни бои, создал топла атмосфера. Аврамовски на интересен начин си поигрува со светлината, геометриските форми, перспективите и просторот. Ова дело одлично би се прилагодило и во анимирана верзија. Го потенцираме и графичкото уредувае на книгата кое придонесува за комплетирање на визуелното решение на делото“.

За книжевните награди одлучи жирито  во состав: Весна Мојсова-Чепишевска, Александра Јуруковска и Ангела Трајковска.

Комисијата се водеше од следниве принципи и колку тие се запазени во доставените книги: Дали книгата е соодветна на возраста за која е наменета? Дали книгата го следи времето и дали таа зборува и иницира актуелни (но и потиснати/табуизирани/премолчени) теми? Дали таа и јазично, но и идејно нуди една инвентивност (игривост, привлечно, забавност, интерактивност…)? Дали и во која мера ја практикува дидактичката/ поучната компонента?

-Посебно ја истакнуваме Едицијата „Светукла“ на Батев („Ежето Снеже“, „Мачето Марко & кучето Дарко“, „Дрво на животот“ и „Куклен театар“), зашто пред се, на едноставен начин ги пренесуваат најважните први лекции во животот на детето. Соодветно на возраста, делува современо и актуелно, блиско до денешните (хипер)активни деца. Сепак, од оваа едиција ја издвојуваме за награда „Ежето Снеже“ од Неше Рамовиќ (илустрации на Иванка Ниба) особено заради поентата: „Да се биде различен и посебен е прекрасно!“.

Во категоријата за деца од 6 до 13 години (за деца што веќе читаат сами) посебно се издвои книгата „Брзоплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ од Катерина Трајановска. Делото се гради низ една авантуристичка призма на дружината составена од пет исклучително свои/интересни деца: Змејски Очи, Гризли, Лили, Канџа и Зиги здружени во дружина која во многу нешта наликува на онаа на Петар Пан. Здравиот хумор и поентата токму со смрдливите чорапи на Канџа да се уништи вештерката е скоро блиску до лудизмот на светските класици за деца.

Во категоријата за млади и и немаше некој голем избор, но веднаш исплива книгата „Ѕвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ од Билјана С. Црвенковска (илустрации на Нита Муча) како  книга-нопак (книга што се чита одзади). Така целиот тој принцип на превртување е присутен на ниво на целата приказна и ги деконструира стеритипите на дихотомијата црно – бело = лошо – добро. Секако во книгата доаѓаат до израз и теми што не се третираат така често и така отворено во нашата културна средина. Таа е пишувана и цртана во духот на светскиот тренд за приказни и филмови со духови, вештерки, чудовишта (но и во духот на познатите Адамсови/ „The Addams Family“) како крајно оригинална, досетлива и инвентивна македонска тинејџерска книга.

Во рамките на „Литера“ беше доделена и награда за најдобро дете-автор, која ја обезбеди „Халк банка“. Ваучер од 5000 денари слончето Халки синоќа ѝ врачи на 11-годишната Јана Ѓорѓијевска од Скопје, која учествуваше на нашиот фејсбук-предизвик што организиравме во март. Имено, 30-ина деца од цела земја ни праќаа свои творби инсирирани од илустрации на големиот уметник Димитар Кондовски.

Фестивалот „Литера“ го затвори Софија Семенпеева-Трајановска, која истакна дека со голема љубов и посветеност, и покрај условите во кои се работеше, успеавме да го реализираме второто издание.

-Веќе се подготвуваме за „Литера 2021“, кој ќе почне на 3 јуни, подготвени за нови предизвици. Ветуваме дека „Литера“ нема да биде само фестивал што ќе трае неколку дена, туку дека и низ целата година ќе имаме содржини не само во Скопје, за да допреме до што повеќе деца и автори – рече Семенпеева-Трајановска.

Организатор на фестивалот е Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“. „Литера“ го помогнаа: Делегацијата на ЕУ во Скопје, „Халк банка“, Министерството за култура, Град Скопје, печатница „Софија“.