February 3, 2023 11:43
Свет

Белоруската опозиционерка Калесникава од затвор итно пренесена во болница

Марија Калесникава, една од водечките белоруски опозиционери, која беше осудена на 11 години затвор во септември 2021 година, беше префрлена во болница и моментално се лекува на одделот за интензивна нега поради неодредена болест.

Опозицискиот лидер Виктор Бабарика, на 29 ноември на Телеграм напиша дека Калесникава ден претходно била итно пренесена во болница .

Адвокатот на Калесникова, Владимир Пилчанка изјави дека од болницата му потврдиле дека таа е таму на лекување, додавајќи дека не смее да ја види и дека чека официјален одговор на неговото писмо до Јавното обвинителство во кое бара да се види со својот клиент.

Останува нејасно зошто Калесникава е префрлена во болница и од што се лекува. Пред да биде итно пренесена во болница, Калесникава била во самица.

Калесникава и уште еден опозиционер, Максим Знак, беа осудени на 6 септември 2021 година, на затворски казни од 11, односно 10 години, откако беа прогласени за виновни за заговор за преземање на власта, повикување на акција за да се наштети на националната безбедност и повикување за дејствија кои ја загрозуваат националната безбедност преку обид за создавање екстремистичка група.

И двајцата се изјаснија за невини и ги отфрлија обвиненијата. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја нарече „политички мотивирана“ пресудата.

Калесникава минатата година ја доби наградата за човекови права Вацлав Хавел, која секоја година ја доделува Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за „исклучителната“ акција на граѓанското општество во одбрана на човековите права.