January 18, 2021 13:05
Свет

Белгија од следниот месец приоритетно ќе вакцинира 340.000 луѓе

Од следниот месец во Белгија би требало приоритетно да се вакцинираат 340.000 луѓе, меѓу кои се здравствени работници, вработени во домовите за стари и изнемоштени лица, лицата на возраст над 65 години и оние над 45 години кои имаат специфични болести, како што се вишок на килограми, дијабетес, кардиоваскуларни заболувања, канцер и друго.

Дополнителни 210.000 граѓани ќе можат да се вакцинираат од февруари, а 620.000 од март 2021 година, објавија белгиските медиуми, повикувајќи се на Националната стратегија за вакцинација.

Белгија, која има околу 11,5 милиони жители, веќе има порачано 22,4 милиони дози на вакцини против Ковид-19, и тоа најмногу од компаниите АстраЗенека (7,5 милиони), Фајзер (пет милиони), Џонсон и Џонсон (пет милиони), Кјурвак (2,9 милиони) и Модерна (два милиона).

Здравствените власти во земјата проценуваат дека за „колективен имунитет” е доволно да се вакцинираат 60-70 отсто од населението.

И покрај подобрувањето на епидемиолошката ситуација во Белгија по сите параметри, здравствените работници предупредуваат дека се уште се под голем притисок, а евентуален трет бран на пандемијата во јануари би бил „катастрофален”.

Во изминатата една недела во Белгија просечно се потврдени 2.300 новозаразени на дневно ниво.

Од почетокот на пандемијата во земјата од коронавирус се заразени 582.252 лица, а починале 16.911 пациенти.