November 30, 2020 13:51
Свет

Белгија го надмина мартовскиот рекорден број на новозаболени со Ковид-19

Институтот за јавно здравје на Белгија соопшти дека вчера е надминат рекордниот број на новозаразени со Ковид-19 од март, јави дописничката на МИА од Брисел.

Со 689 новозаразени во вторник, вториот бран на новиот коронавирус го надмина првиот од 28 март кога беа регистрирани 629 новозаразени, соопшти Институтот за јавно здравје.

Како што нагласуваат медиумите во Белгија денеска, отежнувачка околност е што овој врв, според сите проекции, не е плафонот, како што беше пикот од 629 во март, и дека бројката ќе продолжи да расте.

Европскиот центар за спречување на болести вчера ја рангираше Белгија прва по стапка на заразени на 100.000 жители во Европската Унија, со што земјата го собори рекордот на Чешка.

Се очекува до утре да се надмине прагот на 700 новозаразени на ден.