December 9, 2022 13:29
Свет

Белгискиот министер за правда под засилена заштита поради закани

Федералното обвинителство на Белгија информираше дека поради закани врз неговата безбедност, белгискиот министер за правда Винцент Ван Квикенборн е под засилена заштита и не смее да се појавува на настани, јави дописничката на МИА од Брисел.

Отворена е истрага веднаш штом било информирано обвинителство, изјави портпаролот Ерик Ван Дејз.

-Првите елементи од истрагата многу брзо покажаа дека оваа закана треба да се сфати сериозно, соопшти портпаролот за новинарите, без повеќе детали.

Министерот за правда на Белгија, Винцент Ван Квикенборн, добил закани во текот на измината недела, по што Кризниот центар веднаш преземал мерки, а синоќа три лица се уапсени во Холандија во врска со овие закани. Белгиското обвинителство бара да бидат префрлени во Белгија.

Обвинителството одбива да даде повеќе информации за заканите, и информира дека освен засилената безбедносна заштита, министерот мора да ги откаже предвидените активности во наредниот период.