December 5, 2022 09:07
Македонија

Бектеши: Не се разговара за купување гас од Србија, туку за размена на енергенси

Ниту Северна Македонија ќе купува гас од Србија, ниту, пак, Србија за возврат ќе купува електрична енергија од земјава, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши, при вечерашното гостување во „360 степени“ на ТВ Алсат.

Она за што се преговара, рече тој, е размена – Србија да дава гас за електраната ТЕ-ТО, а потоа дел од произведената електрична енергија да се врати како компензација.

-Обврска е на Србија да го снабдува со природен гас ТЕ-ТО ако се постигне договор. Ние како држава имаме обврска ним да им обезбедиме електрична енергија. Jас сум повеќе од сигурен дека Србија сериозно ја разгледа, ја разгледува нашата понуда… Јас и премиерот Ковачевски ја пративме финалната понуда од Северна Македонија за власта во Република Србија. Значи, последната понуда е или 50-50 или 60-40 за нас. Ние како држава имаме интерес да имаме природен гас со пониска цена затоа што ќе имаме пониска цена и за топлинска енергија, а воедно и за електрична, која ќе можеме да ја понудиме на граѓаните. Дел ќе ѝ ја понудиме на Србија, дел ќе го користиме за нашите потреби, рече Бектеши.

Електричната енергија произведена во ТЕ-ТО што ќе остане за земјава ќе биде понудена на домашниот пазар. А, ако работи ТЕ-ТО, тоа значи дека ќе биде обезбедена и околу 60% од потребната енергија за парното во Скопје, што значително ќе ги намали трошоците за производство во топланите.

Според Бектеши, интерес за овој тип на соработка прва пројавила Србија. Па, ако се постигне договор за размена, Србија е таа што ја има обврската да го донесе гасот до Северна Македонија.

Она што се знае е дека гасот ќе транзитира преку Бугарија, а може да дојде од Србија или од Турција.