November 30, 2020 17:51
Свет

Бајден: Не ја потценувам можноста за победа на Трамп

Демократскиот кандидат за претседател на САД, Џо Бајден, изјави дека Доналд Трамп сепак може да победи поради обидот за делегитимирање на изборите, пренесува Си-ен-ен.

Јас сум од оние луѓе кои сметаат дека ништо не е готово сè додека не заврши, рече Бајден во интервју за Си-би-ес, додавајќи дека смета оти било кое од неговите предвидувања освен она дека претстои тешка борба би било суеверие.

Бајден рече дека не може да го потцени начинот на кој Трамп ја води борбата во предизборната трка.

„Трамп на некој начин се обидува да ги делегитимира изборите, а тие напори имаат за цел да ги натераат американските граѓани да се запрашаат дали воопшто треба да гласаат или не, дали вреди или не, а тоа е обид за заплашување“, оцени Бајден.

Тој истакна дека неговиот ривал веќе подолго време се обидува да ја доведе во прашање легитимноста на гласањето преку електронска пошта и дека повеќепати има изнесено неточни тврдења за овој начин на гласање и броење на гласовите.

„Она што навистина ме радува е високиот одзив во државите каде што веќе започна гласањето“, рече Бајден.

„Се надевам дека ќе има многу луѓе кои ќе гласаат за мене“, рече Бајден, додавајќи дека разликата помеѓу него и неговиот ривал е многу голема, во однос на вредностите што тие ги претставуваат и нивниот поглед на светот.

Коментарите на Бајден дојдоа откако анкетите покажаа дека тој е фаворит на изборите.