April 15, 2021 10:33
Свет

Бајден му честиташе роденден на Горбачов

Американскиот претседател Џо Бајден денеска му го честиташе 90. роденден на поранешниот претседател на некогашниот Советски Сојуз, Михаил Горбачов, истакнувајќи го неговиот придонес за побезбеден свет.

– Драг претседателе Горбачов во име на американскиот народ би сакал да Ви упатам честитки по повод Вашиот 90. роденден, се наведува во писмото на Бајден.

Тој ја истакна и посветеноста на Горбачов на слободата.

– Вашата посветеност на слободата и Вашата храброст да донесете тешки, но и неопходни одлуки го направија светот побезбеден и продолжувате да бидете извор на инспирација, наведе Бајден.

Тој исто така посочи и дека искрено се надева дека петгодишното продолжување на Новиот СТАРТ е доказ дека САД и Русија можат да продолжат да работат заедно додека заеднички го носат наследството на Горбачов.

Горбачов беше претседател на Советскиот Сојуз од 1985 година до 1991. Неговиот обид за реформи доведе до крајот на Студената војна, но исто така и до распад на СССР. Тој во 1990 година ја доби Нобеловата награда за мир