December 9, 2022 13:11
Свет

Бајден: Ијан можно е да биде најсмртоносниот ураган во историјата на Флорида

Ураганот Ијан можно е да предизвикал „значителна” загуба на животи на Флорида и да стане најсмртоносниот ураган што некогаш ја погодил јужната американска држава, изјави денеска американскиот претседател Џо Бајден.

Тој рече дека бројките се уште не се јасни, но дека доаѓаат првите информации за човечки загуби, кои би можеле да бидат „значителни”.

– Тоа би можело да биде најсмртоносната катастрофа во историјата на Флорида, рече Бајден за време на обиколката на просториите на Федералната агенција за управување со катастрофи (ФЕМА).

Ураганот Ијан, кој достигна статус на бура од четврта категорија на својот врв, предизвика поплави и бури во Флорида, оставајќи два милиони луѓе без струја.

Ураганот потоа ослабе, а неговиот центар го напушти копното и се пресели над Атлантскиот Океан каде повторно зајакна. Издадено е предупредување за ураган за американската сојузна држава Јужна Каролина.

Ветровите денеска се зголемија на речиси 110 километри на час, што е малку под силата на ураганот, при посилни налети.