April 3, 2020 12:30
Балкан

Баша: Предвремени парламентарни избори единствено решение за политичка криза

Обединетата албанска опозиција не се откажува од барањето за предвремени парламнтарни избори што ќе ги спроведе преодна влада, според македонскиот модел. Тоа е единственото решение за излез од долгата и длабока политичка криза.

Ова по средбата со амбасадорот на делегацијата на Европската унија во Албанија, Луиџи Сореца го изјави лидерот на најголемата опозициска сила Демократската партија, Љуљзим Баша, со кого разговарале за политичката криза, изборната реформа и европската интеграција на земјата.

-Целата наша битка е што поскоро да се одржат предвремените избори и на Албанците да им се врати можноста со нивниот слободно даден глас да ги изберат нивните институции, почнувајќи од парламентот, општините. Ова е единствениот начин да се запре политичката криза и уништувањето на земјата. Економската е производ на политичката криза, изјави Баша.

На прашањето дали опозицијата ќе оди на избори без нова територијална поделба, Баша рече дека „е време и административната реформа да биде дел од целосното решавање на политичката криза”.

-За нас административната реформа е неуспешна. Тоа не го произведе она што беше ветено, туку токму спротивното. Повеќе корупција, помалку услуги, повисоки даноци. Време е како дел од целосното решавање на кризата да се разгледаат и административните реформи и децентрализацијата на локалната самоуправа,одговори Баша.

Во врска со изборните реформи, Баша рече дека има тотална посветеност на опозицијата да ја заврши реформата на 15 март, но додаде дека такво нешто зависи не само од нив, туку и од владеачкото мнозинството.