February 21, 2020 05:16
Балкан

Баша на Вархеји му кажал дека нема излез од кризата без слободни избори

По средбата со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша изјави дека јасно го потенцирал фактот дека со Еди Рама нема слободни и фер избори.

Според него, со еврокомесарот разговарале околу решавањето на политичката криза во земјата при што „имале ист став за две главни цели”.

– Ме запозна со стратегијата што ќе ја претстави, стратегија која јас и обединетата опозиција целосно ја поддржуваме. Ние го изнесовме ставот и наидовме на целосна согласност дека решавањето на длабоката политичка криза во Албанија преку слободни и фер избори, прозлезени од изборната реформа и отворање на преговорите со ЕУ, се две главни цели, рече Баша.

Баша се заблагодарил за помошта на ЕУ за воспоставување дијалог за изборната реформа.

– Ја поздравив помошта на ЕУ што го овозможи политичкиот дијалог за изборните реформи надвор од нелегитимниот парламент, помошта за излез од организираниот криминал како прв чекор кон вистинска демократија во Албанија, каде граѓаните и некриминалците ќе избираат парламент, влада, градоначалници и слично, рече Баша.

Баша, го иронизирал и премиерот Еди Рама, нарекувајќи го „недоверлив човек”.

– Опозицијата верува не само во пишаните правила, туку и во нивната имплементација, но Рама е недоверлива личност за изборната реформа или за набљудување на регуларен изборен процес. Кажав дека со Рама нема слободни и фер избори, рече Баша.

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји денеска престојуваше во прва посета на Албанија откако стапи на должност. Тој се сретна со премиерот Еди Рама, претседателот Илир Мета, а го посети и Драч, едно од најпогодените места од катастрофалниот земјотрес, што ја погоди Албанија на 26 ноември.

Соопштено е денеска дека Меѓународната донаторска конференција за Албанија ќе биде организрана на 17 февруари во Брисел.