February 3, 2023 11:43
Спорт

Барди: Со победа над Азербејџан да ја заокружиме годината

Фудбалската репрезентација на Македонија денеска (14 часот) го игра последниот натпревар во 2022 година. Противник е селекцијата на Азербејџан, а фудбалерот за врска Енис Барди вели дека репрезентативците сакаат да ја заокружат годината со триумф.

„Фаворити во фудбалот денеска нема, на нас е да одиграме максимално добро, ја анализиравме средбата со Финска, треба да ги поправиме малите грешки што ги имавме, се надевам на позитивен резултат со Азербејџан. Противникот е физички силен, ние ќе ги нападнеме и сакаме да дојдеме до победа за поголема самодоверба и со успех да ја завршиме годината“, изјави Енис Барди.

Селекторот Благоја Милевски ќе ги нема на располагање Бојан Миовски поради повреда и Езгјан Алиоски, кој е ослободен поради приватни причини.

„Ние на секој натпревар играме да победиме, се надевам така ќе биде и против Азербејџан. Знам дека Азебејџан добро не скаутирал, но се надевам дека нашиот квалитет ќе излезе на површина и ќе стигнеме до победа. Јас инсистирав на вакви противници, различни и квалитетни, Финска е топ репрезентација, Азербејџан игра навидум поразличен фудбал, но нивните последните натпревари потврдуваат дека имаат квалитет, очигледно е дека селекторот добро си ја работи работата. Имаат одлични индивидуалци и се агресивни. Ние ги анализиравме слабостите што се појавија на мечот со Финска и верувам дека денеска ќе одиграме уште подобро“, изјави селекторот Благоја Милевски.