December 5, 2021 12:06
Спорт

Баерн го демолираше Баер Леверкузен

Баерн Минхен го демолираше Баер Леверкузен и славеше со 5:1, во меч кој требаше да биде дерби во Бундеслигата. Германскиот првак уште во првото полувреме ги реши сите дилеми околу победникот, а мечот ќе се памти.

Роберт Левандовски со прекрасен погодок со петица ја најави голеадата во првиот дел и тоа по само три минути игра. Потоа беше мирно до 30 минута, а потоа следуваше „експлозија“ на гостите. Во периодот од 30 до 37 минута, Баерн даде четири гола. Левандовски погоди за 2:0, а Томас Милер беше прецизен во 33 минута за 3:0. Следуваа два гола на Гнабри кој ја тресеше мрежата на Баер во 34 и 37 минута, кога на семафорот стоеше 0:5.

Само два пати претходно во историјата на Бундеслигата се случило гостинска екипа да даде пет гола за помалку од 37 минути. Тоа два пати се случило во иста година и тоа во 1964 година кога Борусија Дортмунд за 23 минути постигнала пет гола на гости кај Шалке, како и Карлсруе кој постигнал пет гола на гости во Франкфурт. Од таа 1964 година до сега не се најде тим што ќе даде пет гола на гости за помалку од 37 минути.

Во второто полувреме Баерн го намали темпото на игра, а тоа го искористија домаќините кои постигнаа почесен погодок преку Патрик Шик во 55 минута.