January 15, 2021 15:28
Спорт

Баерн го декласира Атлетико, Лукаку го спаси Интер од пораз со Менхенгладбах

Тотална доминација покажа Баерн Минхен во дербито на вечерта против Атлетико по триумфот со убедливи 4-0 на стартот од новата сезона во Лигата на шампионите. Европскиот првак во голем стил најави одбрана на тронот и комплетно ја оневозможи цврстината која ги окарактеризира Јорганџиите на Диего Симеоне.

Се чекаше речиси половина час пред да се случи првиот гол, а отвори Коман во 29-тата минута. Домаќините потоа ја искористија и втората посериозна шанса, во 41-та минута стрелаше Горецка за 2-0,што беше доволно да се претпостави дека победата ќе припадне на тимот на Ханси Флик.

Атлетико даде еден гол преку Феликс, меѓутоа ВАР го поништи поради офсајд позиција претходно во акцијата. Падот на концентрацијата ги чинеше гостите од Мадрид уште два гола во вториот дел. Страшен гол од далечина заби Толисо во 66-тата минута, а само неколку моменти подоцна Коман се запиша како двоен стрелец поставувајќи го конечниот резултат.

Борусија Менхенгладбах беше блиску да направи големо изненадување во вториот ден од првото коло,  но ремизираше со 2-2 на гости кај фаворизираниот Интер. Нероаѕурите поведоа преку Лукаку, за потоа гостите да добијат шанса за израмнување преку пенал во 63-тата минута, а казни Бенсебајни.

Во финишот од средбата на „Џузепе Меаца“, Хофнам го шокираше составот на Антонио Конте, кој пак се спаси од пораз со помош на расположениот Лукаку и неговиот втор погодок на мечот.