December 6, 2022 20:43
Економија

Бабовски: Со депопулацијата досега опфатени 3 348 свињи од кои 3 215 се еутаназирани

Со депопулацијата за спречување на африканската чума, досега се опфатени вкупно 3 348 свињи од кои 3 215 се еутаназирани, вели за МИА директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски.

Според Бабовски, за економско искористување со колење во кланици со кои АХВ има склучено договори, опфатени се 133 свињи, а за лабораториско испитување се земени 218 мостри.

По последната појава на нови случаи на африканска чума во одгледувалишта во уште три кумановски села, директорот уште еднаш апелира да се почитуваат донесените решенија од АХВ зашто во спротивно, животните кои ќе бидат одземени од фармерите согласно мерките за депопулација нема да бидат платени, а дополнително фармерите ќе треба да го платат и износот за убивање на животните и за нивно закопување.

-По појавата на првиот случај на болеста африканска чума кај свињите во село Драмче во општина Делчево, болеста лабораториски е потврдена во одгледувалишта и во општините Македонска Каменица, Штип, Кочани, Виница, Чешиново – Облешево, Карбинци, Штип, а од неодамна и во општина Куманово. Прв пат болеста се појави во јануари во источниот регион во село Драмче, истакнува Бабовски во разговор за МИА.

Во јуни, јули и септември болеста беше потврдена во општина Македонска Каменица, а во август африканската чума кај свињите се прошири и во општините Кочани, општина Виница и во Чешиново – Облешево.

-Во септември болеста беше констатирана во општина Карбинци и во Штип, а на крајот од месецот болеста беше потврдена и кај домашни угинати свињи кои беа пронајдени на депонија во близина на село Липково. Овој месец, болеста лабораториски е потврдена и во едно одгледувалиште во село Долно Коњари во општина Куманово, дополнува директорот.

За одземените и убиените животни со мерките на депопулацијата АХВ на одгледувачите им исплаќа паричен надомест за различните категории животни согласно Упатството за определување на пазарната вредност на животните кои се одземаат заради искоренување на заразни болести на територијата на Република Северна Македонија.

-Во Агенцијата за храна и ветеринарство досега се евидентирани 23 угинати животни на свињарските фарми (комерцијални фарми и индивидуални одгледувалишта) пред спроведување на мерката депопулација. Со оваа мерка досега се опфатени вкупно 3 348 свињи, од кои 3 215 се еутаназирани (убиени и нештетно отстранети). Со цел ставање под контрола и спречување на ширење на болеста апелираме да се почитуваат донесените решенија од Агенцијата за храна и ветеринарство, во спротивно, животните кои ќе бидат одземени од фармерите согласно мерките за депопулација нема да им бидат платени, а дополнително фармерите ќе треба да го платат и износот за убивање на животните и за нивно закопување, наведува Бабовски.