August 9, 2020 04:26
Македонија

Аџиев: Милчин беше лустриран оти соработувал со Служата за државна безбедност

Поранешниот прв човек на комисијата за лустрација, Томе Аџиев, во дебатната емисија 24 Отворено на тема Лустрацијата, „лов на вештерки“, борба за правда или борба со неистомисленици? на телевизија „24 Вести“ рече дека укинувањето на лустрацијата е правен преседан од причина што одлуките се потврдени со 2 правосилни пресуди од редовни судови.

-Ова е правен преседан. Лустрацијата беше прекината во 2017 година. Сите предмети поминаа два редовни судови. Сите одлуки се потврдени со 2 правосилни пресуди од редовни судии. Наеднаш доаѓа нов закон со кој се поништува друг закон односно да се поништат одлуките на судот. Ако законот биде донесен нема да биде Уставен, рече Аџиев.

Тој тврди дека поранешниот директор на Фондацијата „Отворено општество“ Владимир Милчин, кој е осуден во процесот на лустрација и посочен како соработник на службата за државна безбедност, бил соработник на службата, откако режисерот во емисијата изјави дека е жртва на режимот на Груевски како и на претходниот режим на комунизмот и дека целиот случај е монтиран.

-Укажувањата на Милчин не се точни односно дека тој првично бил следен од страна на државната безбедност, а потоа бил врбуван како соработник. Тоа била редовната процедура на регрутирање на соработниците. Сите управни спорови се водат врз основа на документи, ниту комисијата за лустрација немаше право на збор. Милчин беше следен од службите на државна безбедност како припадник на граѓанската десница, а потоа бил врбуван. Така бил користен да прибира информации и не е точно дека бил жртва на два режима, вели Аџиев.