July 23, 2019 14:25
Македонија

Ајдован Адемовски: Свеченото отварање на Хилтон ќе го направи претседателот Ердоган

„Капитол мол“, хотелот „Хилтон“ , „Сити Плаза“, „Стоун бриџ“,Балкан универзитет, „Пера констракшн“  и малопродажба на текстил се само дел од долгата листа на компании која ја поседува или е дел од неа. Вложува милиони во нови проекти и стигнува да биде дел од се. Само во „Хилтон“ има вложено околу 50 милиони евра. Тоа е Ајдован Адемовски кој за 24 инфо вели дека како и сите други луѓе е татко, сопруг, брат, вујко и домаќин. Иако често е отсутен од дома сепак се смета за домаќин и не крие дека најубаво се чувствува кога е дома со сите членови на неговото потесно семејство.

Хотелот „Хилтон“ е готов и почна да работи иако немаше големо отварање.За кога го планирате свечното отварањето и за колкава инвестиција се работи?

За ваков проект се потребни значителни средства. Кога велам значителни мислам на генералниот стандард за утврдување на вредност, која се утврдува врз основа на бројот на соби. Имено во нашиот случај приближната нето вредност за изградба на хотелот е еднаква на 180.000 евра по соба со вклучени заеднички простории, со коридори, сали и ресторани  или ако Хилтон има 170 соби само за изградба ние потрошивме повеќе од 30,6 милиони евра. Згора на претходната ставка се надополнува трошок за опремување, декор, опрема, партер, хортикултурно уредување како и ставки кои произлегуваат од опремување со подвижен и недвижен мебел, кујна, ресторани и сл. Според официјална проценка, Хилтон е проценет на вредност од преку 49 милиони евра. Да бидам искрен никогаш не сум бил човек кој како инвеститор сум сакал да организирам таканаречени свечени отворања. Да, секогаш сум правел чест на моите пријатели, соработници, партнери, вработени, но за мене најголемо задоволство е фактот што успешно со мојот тим завршивме еден сериозен проект на светско ниво, отворени сме и оперативни веќе полни пет месеци, практично и да немаме слободно место во нашите сали поради побарувачката односно резервации за одржување на настани како и резервација на соби што ме прави апсолутно среќен дека граѓаните, домашни и странски, го препознаваат квалитетот и се благодарни на услугата и професионалноста која како услуга ја обезбедуваме.

Колку работни места се отворија и од кои профили?

За потребите на оптимално управување на хотел Хилтон имаме потреба од минимум 170 вработени почнувајќи од менаџери на хотел до лица за обезбедување и хигиена. Моментално за потребите на хотел Хилтон се вработени преку 200 лица со ралични професии и искуство, стекнато во нашата држава но и надвор од неа. Описот на работни места и работни задачи согласно стандардите на Хилтон е прилично сложен каде и јас се бунам во преводот на работните места имајќи предвид дека истиот е карактеристичен за хотелскиот сектор односно бизнис. Моите вработени се од различни профили и опфаќаат работни задачи кои се однесуваат на финансиите, менаџмент со хотел, управување на услугите за храна и пијалоци, управување со човечки ресурси, технички персонал, персонал кој е задолжен за инфраструкурата на целиот објект вклучувајќи ја неговата опрема и придружни елементи, лица задолжени за продажба, маркетинг, хигиена и слично.

Важите за еден од најуспешните бизнисмени во Македонија. Колку фирми се дел од вашата компанија?

Пред да одговорам на прашањето сакам да се заблагодарам на комплиментот кој ми го давате. Не сум човек кој сака да се експонира, немам потреба за тоа, напротив само сум насочен, колку можам и умеам, да управувам со моите трговски друштва како и со моите вработени. Вработувам повеќе од 400 лица од различни профили и возраст. Благодарение на нив и моето семејство од кое имам целосна поддршка, верувам дека се причина за мојот успех досега.

Моето работење во Р. Северна Македонија е во неколку сектори, односно хотелиерство – ХИЛТОН Хотел и СТОНЕБРИДГЕ Хотел, градежен сектор – ПЕРА КОНСТРАКШ, стопанисување со деловни и трговски објекти –СИТИ ПЛАЗА, големи трговски единици, трговски центри – КАПИТОЛ МОЛ,  малопродажба на текстил.

Познат сте како човек кој им дава шанса на младите интелектуалци во земјава. Точно ли е дека кај вас работат студентите кои имале најголем успех во текот на студиите?

Точно е. Секогаш давам можност на младите и квалитетни стручни кадри, но не ги изоставувам и возрасните чие искуство, независно од нивната струка е многу значајно за мене. Соработувам со речиси сите универзитети и кај мене вработувам и сум вработувал студенти од речиси сите универзитети се разбира особено правници, економисти, финансиери, надворешна трговија, сметководители, градежни инженери, архитекти со А и Б лиценци, информатичари, дизајнери, безбедност. Имаме склучено договор со меѓународниот балкански универзитет (IBU) каде овозможување пракса и стажирање на студентите за време на нивните редовни студии на кои во иднина им нудиме и трајни вработувања. Како претседател на МАТТО морам да споменам дека неколку фирми членки на МАТТО ја имаат истата соработка со меѓународниот балкански универзитет што на некој начин дава мотив и сигурност на студентитет како идна работна сила. Им посакувам среќа и верувам дека меѓународниот балкански универзитет  ќе биде сериозен производител на академски граѓани во Р. Северна Македонија чие стекнато знаење ќе го имплементираат во државниот и прватниот сектор и ќе придонесат во развојот на нашата држава. Р. Северна Македонија со своите стручни академски кадри веќе сериозно котира на картата на труд во Европа и во светот пошироко како држава која едуцира стручен кадар во сите науки како општествени така и природни.

Претседател сте и на МАТО- Турската стопанска комора во земјава. Каде се насочени следните планови на комората?

Јас сум еден од основачите на Македонско-турската стопанска комора и претседател на истата. Целта на основање на МАТТО беше формирање на комора која дополнително ќе овозможи и ќе биде прва врата за оние кои од Р. Турција сакаат да инвестираат и да почнат бизнис во Македонија и обратно. МАТТО има бројни активности кои почнуваат од анализи, редовно споделување на информации од стопанството во Р.С.М. и во Р.Т., правна помош, консултации итн. МАТТО брои повеќе од 100 фирми членови како и други физички и правни лица кои како членови даваат значителен придонес кон взамената соработка меѓу двете држави но и меѓу нив соработката е на значително повисоко ниво како резултат на се поблиските деловни односи. МАТТО своето работење и дејствување го остварува преку утврден план кој подразбира редовни состаноци на членовите, редовни состаноци на МАТТО со стопанскиот сектор во Р. Северна Македонија, размена на информации и сл.

 

 Турција е една од државите со најголеми инвестиции во земјава. Има ли податок комората колку пари и во колку проекти има во земјава?

Согласно податоците превземени од народната банка на Р. Северна Македонија споредено со минатата година, нашата размена изразена во $САД е зголемена за 18,2%, (372,529 милиони $САД), извоз 16,9% (70,537 милиони $САД) а увоз за 18,5% (301,992 милиони  $САД).

Статистичките податоци на Народната Банка на Република Северна Македонија покажуваат дека во последните години во земјата се влезени 1.667,8 милијарди евра директни турски инвестиции што е 3,25% од вкупните директни странски инвестиции за тој период (126 земји) за што верувам дека до крајот на 2019 година во Македонија ќе влезат речиси 2 милијарди евра турски инвестиции. Но вредноста е поголема бидејќи некои турски инвестиции доаѓат од трети земји. Овие бројки, сами по себе, создаваат  голема обврска спрема двете деловни заедници и спрема двете држави но и потврдуваат дека Северна Македонија е исплатлива деловна и инвестициона  дестинација.

 Имаме информација дека турскиот претдседател, Реџеп Таир Ердоган ќе ви биде почесен гостин на отварањето на „Хилтон“. Точно ли е?

Ми претставува чест и задоволство што лично го познавам Г-дин Реџеп Таип Ердоган. Редок човек пред се, а потоа и добар политичар кој управува со една од најголемите држави и економии во светот. Г-динот Таип секогаш, кога и да дојде во нашата држава, е мој почесен гостин. Хилтон е оперативен и отворен за сите кои имаат интерес да ги користат нашите услуги, но секако, кога Г-динот Таип ќе дојде во нашата држава јас ќе го поканам да биде мој почесен гостин кога свечено ќе организираме сечење на лента за хотел Хилтон за што и вие како новинари ќе бидете информирани.

 Дел сте и од Балкан универзитетот. Што е следно на вашата листа на проекти?

Да, јас сум дел од меѓународниот балкански универзитет во својство на претседател на управниот одбор и претседател на фондацијата. Одговорна функција и обврски кои ги прифатив со задоволство бидејќи нема похумано и попродуктивно од тоа да се насочите кон унапредување на образованието како трајна инвестиција како за студентите лично така и за целата држава. Меѓународниот балкански универзитет располага со стручен кадар и одлични инфраструктурни услови за акомодирање на студентите и одржување на настава од каде веќе произлегуваат стручни академски граѓани спремни да се понудат себеси на пазарот на трудот кај нас но и надвор од нашата држава.

Сега за сега сум фокусиран на хотелот Хилтон но во меѓувреме како тим сме фокусирани на детални истражувања и анализи за евентуални идни проекти но ќе дадам одлуки само во случај на позитивни и реални физибилити студии и бизнис планови.

Кој е Ајдоан Адемовски приватно?

Ова прашање би требало да го поставите на некој друг кој ме познава, бидејќи сам за себе да говорам во прво лице еднина не ми е баш пријатно. Како и да е, јас сум како и сите други, татко, сопруг, брат, вујко и домаќин. Иако често сум отсутен од дома но сепак се сметам за домаќин бидејќи таков ми е пристапот со управување на моите трговски друштва но не кријам дека најубаво се чувствувам кога сум дома со сите членови на моето потесно семејство.

 Кога има слободно време како го поминува и што го релаксира?

Бизнис активностите немаат крај. За жал покрај бенефитите од водењето свој бизнис чувствувам сериозен недостаток односно потреба за повеќе време со моето семејство. Често, во разговор со моите блиски соработници, на смеа, знам да кажам дека меѓу Вторник и Среда ми недостасува уште еден ден. Иако и мојата сопруга е дел од моите бизниси сепак секојдневните средби се од деловна природа а неретко има и денови кога секој е фокусиран на својот дел од обврските и проблемите кои доаѓаат со нив. Ја користам секоја прилика да сум со своето семејство но навистина нема време за се. Времето поминато со семејството, особено со моите деца, е моја најголема релаксација односно квалитетно време кога не мислам на проблемите и сум посветен целосно на разговор со нив. Моите деца се во тинејџерска возраст и сега сум најмногу потребен за нив и се трудам да бидам што повеќе со нив.

Се разбира времето поминато со моето семејство најмногу ме релаксира, но и моите вработени се практично дел од моето семејство и мојата дружба со нив, надвор од професионалните активности исто така претставува задоволство за мене и на тој начин дознавам за нив како личности но и споделуваат со мене свои видувања за нашето работење и како постојано да се унапредуваме. Го ценам нивното мислење.

Валентина Ангеловска

Нови вести

Јанева одби да објасни зошто лажела дека нејзиниот телефон е украден кога истиот телефон самата наводно го подарил

Igor

„Изгубениот“ телефон на Јанева пронајден кај девојката на нејзиниот син

Igor

(Видео) Катица остана сама

Igor