December 5, 2022 21:38
Македонија

Ахмети го брани Груби: ДУИ може и без мене и без Беџети, Меџити…

Лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, коментирајќи го вчерашнато писмо потпишано од високи сегашни и поранешни функционери во кое се искажува незадоволство од Артан Груби, рече дека партијата има воспоставено стабилни структури со силна база, кои можат да функционираат дури и без него.

Според Ахмети, ова не е нешто ново и внатрепартиските превирања ги оцени како вредности на демократијата на кои и тој инсистирал веќе 20 години.

-Реков дека ДУИ има поставено стабилни структури кои можат да функционираат без Али Ахмети, без Блерим Беџети, без Муса Џафери, без Изет Меџити, ова е национална инвестиција и оваа национална инвестиција има силна основа и силна поддршка. Не е местото каде што треба да влезам и да ги елаборирам моите спомени од 20-годишното владеење со ДУИ, бидејќи имало моменти на незадоволство и секогаш имало дебати и, пред сè, тоа е вредност на која јас инсистирав 20 години по ред, работите да се кажуваат отворено, јавноста да знае отворено за позициите на спротивставените мислења, вели Ахмети.

Вчера, истакнати членови на ДУИ, меѓу кои и пратениците Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику, заменик-министерот за одбрана Башким Хасани, градоначалниците на Чаир и на Сарај, Висар Ганиу и Блерим Беџетии преку јанво писмо побараа од лидерот Ахмети да го врати партиското единство и да ја заврши внатрепартиската „војна“. Тие го обвинија вицепремиерот Артан Груби дека како дел од извршната власт сам одлучувал за кадровските поставувања, дека дилетантски се однесувал со што се придонело кон револт и пасивност на гласачкото тело, што резултирало со лоши изборни резултати на последните избори во Тетово.

Обвинија и дека во партијата не постојат и не се формираат статутарните партиски органи, дека политичкото одлучување станало индивидуално, како и дека не постои дебата и консултација со базата.