February 27, 2020 11:39
Македонија

Арсовски: Сериозна зараза од епидемија на непотизам владее и во Прилеп

Сериозна зараза од епидемија на непотизам владее и во Прилеп, град кој е под целосна контрола од кадрите на СДСМ. Во Прилеп нема функционер на СДСМ којшто не си ја вработил целата фамилија, почнувајќи од градоначалникот, за кого имаше постапки во ДКСК, па до најнискиот партиски активист којшто работи во општината или на кое било друго место во државната администрација, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ќе ја запознаеме јавноста со неколку случаеви на непотизам на локално ниво, односно во Општина Прилеп. Прв случај, ќе го посочиме директорот на ОУ ‘Гоце Делчев’, Веле Георгиоски, кој си го вработил својот син Славчо Георгиоски во Јавното претпријатие за стопанисување со јавен станбен и деловен простор. Ни помалку, ни повеќе на место каде што платата е далеку повисока од просечната плата.

Втор случај, советникот на СДСМ во Општина Прилеп, Шеверкоски, си ја вработил својата ќерка Весна Шеверкоска во општината, во општината каде што тој самиот е советник, а другата ќерка Цвете Божиноска си ја вработил во подрачно училиште во с. Обршани. Онаму каде што тој самиот е советник од СДСМ, ја вработува ќерка си, па еве нека ги убеди граѓаните дека немал никакво влијание за овие две вработувања.

Трет случај, досегашниот командир на полициската станица Прилеп, партискиот полицаец на СДСМ, Кире Спиркоски, сестрата на сопругата, Викторија Јовческа, ја вработил по ново во општина Прилеп. Најверојатно како награда за работата  што ја вршел до сега за СДСМ како командир на полициската станица“, додаде тој.

Според Арсовски, четврт случај на непотизам во Прилеп е Круме Симоноски, инаку комерцијален директор на Тутунски комбинат во Прилеп, близок до функционерите од СДСМ, ги вработил и сопругата и нејзината сестра во Тутунски комбинат каде што самиот е комерцијален директор. Еве и тука нека ги убедат граѓаните дека немале никакво влијание во ова вработување.

„Прилеп е општина која е заробена од неколку фамилии од СДСМ. Затоа апелираме до Државната комисија за спречување корупција да ги земе многу сериозно сите овие информации јавно истакнати за непотизам, за епидемија од непотизам во Општина Прилеп. Исто како што минатите неколку денови објавувавме за Општина Штип. Да се поведат постапки и соодветно да ги санкционира. Да ги санкционира сите оние каде што ќе се утврди дека имало влијание во вработување на роднините од своите семејства. Одговорност ќе има и одговорност мора да има! Република Македонија конечно мора да тргне напред и тоа ќе се случи веднаш по 12 април, откако ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите. И конечно ќе почне обнова на Македонија“, додаде Арсовски.