November 24, 2020 21:59
Македонија

Арсовски: Отворени сме да разговараме за декриминализација на канабисот

Владата е отворена во секој момент да разговара за суштински решенија за декриминализација и депенализација преку измени во Кривичниот законик и Законот за прекршоци, рече денеска владиниот портпарол Душко Арсовски.

Измените на Законот за опојни дроги, кој е во собраниска процедура, да ја вклучат и  декриминализираат употребата и поседувањето на канабисот за лична употреба, во претходно барање апелираа здруженијата за легализирање на марихуаната.

– Потребно е секако да има широка стручна дебата каде ќе бидат вклучени сите засегнати страни, институции, граѓански здруженија и медицинската фела. Треба да се видат ефектите од користењето, системот за контролирање, како ќе се контролира/изведе, ова е процес каде е неопходен ставот на сите. Од Владата е предложено донесување на измени и дополнување на Законот за опојни дроги, ќе се овозможи извоз на цветот канабис за медицински цели кои со ќе се поттикнат нови инвестиции, развој и нови работни места. Во овој момент одгледувањето на канабис е дозволено само на правни лица кои имаат одобрение за истото, издадено од Министерството за здравство, а претходно со добиено согласност од Владата. Досега има издадено 55 одобренија, на фирми за одгледување канабис за медицински цели, додека 17 имаат поднесено барање кои се на повторен увид во владина процедура, рече Арсовски.

И премиерот Зоран Заев претходно повика на дебата за декриминализација на марихуаната. На тој начин ќе се развијат повеќе секторите угостителство, услуги и туризам и во Македонија ќе се свртат повеќе финансиски средства.