August 13, 2022 17:27
Скопје

Арсовска додели награди и благодарници за најдобрите на регионалните средношколски натпревари

Градоначалничката Данела Арсовска денеска додели награди и благодарници на ученици, ментори и акредитирани здруженија за учеството и постигнатиот успех по најразлични наставни предмети на регионалните скопски натпревари. На 66 ученици, 52 ментори и 10 здруженија за освоени први места меѓу наградените, благодарници беа доделени на претставници од средните училишта на Град Скопје и од приватни и државни средни училишта.
– Ги поттикнуваме успешните ученици да ги покажуваат своите знаења во различни области и континуирано да го надградуваат својот потенцијал. Освоените први места се особено важни, да се наградат најдобрите и да им дадеме дополнителен поттик и понатаму вредно да работат и да нижат успеси со кои ќе се гордееме сите. Благодарност и до менторите кои своите знаења и вештини посветено им ги пренесуваат на младите генерации, но и на здруженијата за организацијата на квалитетни натпревари.  – рече градоначалничката Арсовска, на денешното доделување на признанијата.
Во рамки на Програмата за активности на Град Скопје од областа на средното образование за 2022 година, активноста Награда за најдобрите е организирање регионални натпревари од акредитирани здруженија за најразлични области. Градот Скопје склучи Меморандуми за соработка со 10 здруженија, по што се наградуваат учениците и нивните ментори за освоените први места. Градот Скопје, освен благодарници доделува и парични награди на секој ученик и на секој ментор.
Целта е да се поттикнат талентираните и успешни ученици и понатаму да ги развиваат и надградуваат своите потенцијали и можности. Институционалната поддршка е од особена важност за градење на младите како успешни личности и алатка за системско поттикнување на квалитетот.