December 4, 2022 20:33
Скопје

Арсовска: Булеварите се реконструираат заради зголемување на безбедноста на граѓаните

Нема вистинско време за да се отпочне да се работи. Граѓаните бараат булеварите да бидат средени, тие претставуваат сериозна закана по нивната безбедност доколку се движат по вакви булевари коишто се раскопани, коишто се неодбележани, коишто имаат бројни дупки коишто ги избегнуваат шоферите, истакна градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на прашањето зошто токму сега се прави реконструкција на трите булевар во централниот дел од градот.

Информираше дека се работи на сериозна реконструкција на, како што кажа, сето она коешто се наоѓа под земја, односно на соодветни инсталации.

– Граѓаните не сакаат само квалитетен булевар, сакаат и квалитетна атмосферска канализација каде што нема да се потопува тој булевар на секој дожд, сакаат и квалитетен водовод, сакаат промена на оние стари цевки, рече Арсовска.

Се работи за булеварите „Кузман Јосфовски Питу”, „Митрополит Теодосиј Гологанов” и „Даме Груев”, кои веќе се во изградба. Претходно на прашање на МИА, од Град Скопје одговорија дека реконструкцијата треба да биде завршена веднаш по Нова година.