January 24, 2021 02:52
Македонија

Арсиќ: Заев не сака крв за крв, Русковска му кажа „не“ на премиерот

Сведочењето на Зоран Заев за настаните од 27 април и изнесеното мислење дека кривичното дело против Велјановски, Ристевски и Јанакиевски има тешка квалификација е негов личен став кој го црпи од информациите кои ги има. Но, таквото сведочење, особено и поради фактот дека Заев ја впери вината во Груевски, не значи дека Јавното обвинителство ќе го повлече или ќе направи преквалификација на делата, впрочем тоа го потврди и обвинителката Русковска.

Ако таа има материјални докази кои упатуваат на нивна инволвираност во насилството, тогаш тие се далеку порелевантни за обвинението и за судот во однос на исказите на сведоците. А Русковска тврди дека има материјални докази врз кои почива обвинителниот акт. Дополнително, Заев вели дека тројцата обвинети се изманипулирани од Груевски, но тоа не значи дека не се виновни или дека не учевствувале во настаните.

Според ова, повикот на адвокатите да се повлече обвинителниот акт нема основа, затоа што прво, Заев може да нема поим какви докази има Русковска и пласира негова информација и врз основа на неа- мислење за делото, и второ, Заев изнесува сознанија дека тројцата се изманипулирани, што не значи дека не се извршители на делото. Тој прави поврзување на тоа што го знае (а не мора да биде точно) дека тие биле изманипулирани и следствено на тоа изнесува личен став дека квалификацијата на делото можеби е строга.

Но, таквиот негов став воопшто нема влијание ниту на актот, ниту пак ќе има на пресудата во иднина. Она што останува како впечаток од денешните изјави на Заев и на Русковска е дека премиерот не сака крв за крв, оти оние кои одговараат пред судот за насилството од 27 април се виновни што тој за малку животно ќе настрадаше. И наместо одмазда Заев пак со помирување.

Понатаму, сепак Русковска смеела да му каже „не“ на премиерот и да не падне под притисок на негови изјави. Затоа обвинителниот акт останува каков што е, оти таа смета дека обвинетите не се деца за некој да ги манипулира, што е точно во целост. И затоа што има докази.

На крај, одлично што останува истиот обвинителен акт за да има правда, за да има мир.

ФБ статус на Љубиша Арсиќ