December 7, 2022 22:16
Балкан

Апсења во Подгорица – со години работеле за руската разузнавачка служба

Неколку црногорски државјани се уапсени во Подгорица под сомнение дека работеле за руската разузнавачка служба, дознава „Вијести“ од повеќе извори.

Според сознанијата, акцијата ја водела Агенцијата за национална безбедност (АНБ), под чија надлежност е ова кривично дело, а е спроведена по наредба на Специјалното државно обвинителство (СДТ).

Според податоците на АНБ еден од уапсените работел за руската служба повеќе од една деценија и е дел од поширока група и членови, кои се познати на АНБ. Наводно се работи за вработен во државната администрација.

Истите извори наведуваат дека денешната акција е само почеток на активностите за откривање соработници на странски разузнавачки служби.

Од АНБ не одговорија дали е точно дека повеќе лица се уапсени поради сомнение за шпионажа.

Во рамки на акцијата на АНБ, СДТ и Специјалното полициско одделение (СЈО), извршени се претреси на повеќе локации во Подгорица и околината, при што, според изворот, биле пронајдени предмети „од интерес за истрагата“.

Друг соговорник на „Вијести“ рекол дека оваа акција е дел од меѓународна истрага и дека меѓу уапсените има и руски државјани.

Акцијата за апсење ја извршиле припадници на Одделението за борба против криминалот.