Македонија

Апликацијата за следење на контактите на заразените ќе биде активирана следната недела

Министерот за информатичко општество и адинистрација Дамјан Манчевски прецизира дека апликацијата што ќе им помогне на инфектолозите полесно да ги следат контактите што ги имале заразените ќе биде активирана следната недела. Таа во исто време ќе гарантира безбедност на личните податоци на граѓаните кои доброволно ќе треба да ја симнат на своите мобилни телефони.

-Откако граѓанинот ќе ја симне апликацијата ќе му биде доделен број кој нема врска со бројот на неговиот мобилен телефон или со матичниот број. Преку тој број ќе се следат контактите што ги имал со други лица кои имаат симнато апликација на своите мобилни телефони на кои им се приближил на помалку од два метра. За да функционира апликацијата цело време ќе треба да биде вклучен блутут. По 14 дена податоците автоматски ќе се бришат од уредот и воопшто нема да бидат преземени во друг уред, а единствено ќе се преземаат во серверот на инфектолозите доколку имателот на апликацијата се заболи од Ковид-19 за полесно да се следат контактите што ги имал со другите лица, рече Манчевски на денешниот брифинг со новинари.