February 3, 2023 10:24
Хроника

Анџело Ѓоргиевски за Тот: Судот да ме казни за она што реално сум го направил, а не за убиство со умисла

Барам од судот да ме казни за она што реално сум го направил, а тоа, според мене, мислам дека и според многу други, секако не е убиство со умисла, изјави обвинетиот Анџело Ѓоргиевски, во своите завршни зборови за случајот со убиството на хрватскиот ракометар, Денис Тот.

Обвинетиот Ѓоргиевски рече дека во ниеден момент не сакал да го повреди, или како било да му наштети на сега починатиот Денис Тот.

– Воедно, сакам да кажам дека изразувам искрено жалење и жалам за овој немил настан и за сето тоа што се случи, жалам и за загубениот човечки живот. Сакам уште еднаш да потенцирам дека мојата реакција беше во состојба на афект и од страв. Ниту сакав, ниту би го повредил сега починатиот Денис Тот – рече тој.

Имајќи предвид дека откако оштетениот паднал на асфалтот истиот бил удиран од страна на обвинетите, додека беспомошно лежел, зборува дека обвинетите имале умисла за извршување на кривичното дело и дека биле свесни дека може да настане штетна последица, посочи обвинителката Тања Трајчевска во завршните зборови за случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред дискотека во Градскиот парк во Скопје

Според обвинителката, оштетениот бил доведен во нерамноправна позиција, бидејќи, како што рече, бил нападнат од тројца кои што му задале удари по виталните делови од телото, во пределот на главата, каде што подоцна се констатирнаи животозагрозувачки повреди.

Таа посочи дека од доказната постапка произлезе дека обвинетите го сториле кривичното дело на начин, време и место како што е опишано во обвинителниот акт и побара од судот да пресуди по однос на истите, имајќи ги предвид сите олеснителни и отежнувачки околности.

Полномошникот на законскиот застапник се приклучи на завршниот збор на обвинителката и предјави оштетно побарување за Игор Тот, Татјана Тот и Борис Тот, за сите соодветно, во износ од 9 милиони денари.

Ако го анализираме обвинителниот акт, апсолутно нема елементи или момент за директна или евентуално умисла на обвинетиот Андреј за конкретното кривично дело или за каква било повреда на сега починатиот Тот, рече бранителот на обвинетиот Андреј Костовски, Еленко Миланов во завршните зборови во врска со случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред дискотека во Градскиот парк во Скопје.

Адвокатот посочи дека лицето кај кое постои умисла некој да биде повреден или уште помалку лишен од живот, не би се однесувал како обвинетиот Костовски.

– Андреј во моментот кога констатира дека Денис Тот не е закана кон него и неговото здравје, се повлекува и се оддалечува. Факт кој што јасно укажува дека не постои апсолутно никаква умисла ниту за нанесување на повреда, а уште помалку за ова, рече Миланов.

Ослободителна пресуда побараа адвокатите на Клементина Лефковска. Пред судот тие кажаа дека не се докажало дека таа му ги задала ударите кои предизвикале смрт кај Денис Тот. Бојан Василески, адвокат на Клементина, кажа дека неговата клиентка била жртва на Тот бидејќи ја малтретирал. Според него, Клементина се бранела од навредливи зборови кои ги упатил Тот.

„Со дејствијата на Клементина не се исполнети битијата за кривичното дело убиство, а судот треба да ја ослободи обвинетата од обвинение“, кажа Василески пред судот.

Според него, од доказите не се докажува дека ударите на Клементина се клучни за Денис Тот да почине по претепувањето.

Поврзани вести

Улици затворени кај Кале – МВР подготвена во целост да го сочува мирот и стабилноста на државата и граѓаните (Фото)

admin

Греењето во Скопје ќе биде исто за сите- од 6 до 22 часот и внатрешна температура меѓу 20 и 21 степен

Valentina

Компјутери од Владата за училишта, Арсовска ги дели како донација од Град Скопје

admin