August 12, 2020 22:39
Спорт

Анчелоти смета дека е должност на Милан да го продолжи договорот со Ибрахимовиќ

Тренерот на англискиот фудбалски премиерлигаш Евертон, Карло Анчелоти, ја поддржа одлуката на неговиот поранешен клуб Милан да ја продолжи соработката со Стефано Пиоли. Тој исто така е убеден дека клубот треба да склучи нов договор и со 38-годишниот Златан Ибрахимовиќ.

– Продолжувањето на договорот со Ибрахимовиќ не е само правилна одлука, тоа е должност на Милан. Тој сè уште е незаменлив играч. Мислам дека тие ја направија вистинската работа со продолжување на договорот со Пиоли. Тој направи одлична работа и го извлече тимот од кризата, изјави Анчелоти за радио „РАИ”.

Шведскиот напаѓач му се придружи на Милан на почетокот на 2020 година. На 18 натпревари во лигата и во Купот на Италија, тој постигна осум гола. Со неговото доаѓање Милан ја стабилизира играта и се врати на победничките патеки.