October 31, 2020 14:36
Магазин

Анкета на YouGov: Луѓето во светот најмногу им се восхитуваат на Барак и Мишел Обама

Анкетата на лондонскиот Институт за истражување на јавното мнение YouGov, спроведена на 45.000 луѓе од 42 земји, открива на која жена и маж во светот луѓето најмногу им се восхитуваат. Барак и Мишел Обама добија најмногу гласови.

Списокот од 20 мажи и 20 жени се состои од имиња на луѓе од сите сфери на животот, од светот на политиката, забавата, музиката, спортот, преку актерството до деловниот сектор.

YouGov пишува дека ова е првпат поранешниот американски претседател да се најде на врвот на списокот на машки кандидати откако во 2014 година е покренато истражувањето World’s most admired.

Основачот на Мајкрософт, милијардерот Бил Гејтс, е на второто место оваа година, а минатата година беше прв на листата. Трет човек на листата оваа година е кинескиот претседател Ши Џјинпинг.

Кога станува збор за жените, испитаниците и оваа година најмногу ѝ се восхитуваат на поранешната прва дама на САД Мишел Обама.

Актерката Анџелина Џоли го зазеде второто место, а британската кралица Елизабета Втора третото. Минатата година на второто место беше американската водителка Опра Винфри, а на трето Анџелина Џоли.