November 30, 2020 15:13
Економија

Анкета на Народната банка: Довербата во домашниот финансиски систем е висока

 Довербата во домашниот финансиски систем е висока и во споредба со минатата година останува на високо непроменето ниво, потврдуваат резултатите од годишната анкета за оцена на ризиците врз финансиската стабилност.

Од Народната банка на РСМ наведоа дека според резултатите од анкетата, значаен дел од испитаниците сметаат дека промените во меѓународната и домашната регулатива, кредитоспособноста на домаќинствата и политичката стабилност се значајни за финансиската стабилност.

– Во тој контекст, согледано од денешна перспектива, значајно е што е остварен забележлив кредитен раст и над проектираниот и што измените на домашната регулатива и по отпочнување на ковид-кризата се димензионирани соодветно за континуирано одржување на стабилноста на финансискиот сектор и во условите наметнати од пандемијата на ковид-19, истакнаа од НБРСМ.

Оваа анкета се спроведува еднаш годишно, во текот на првиот квартал, а годинава се проширил опфатот на испитаниците.

– Покрај до банките, кои претходно беа единствените учесници, оваа година, анкетата беше доставена и до штедилниците, друштвата за управување со пензиските фондови, осигурителните друштва, финансиските друштва, брокерските друштва, друштвата за управување со инвестициските фондови и економските аналитичари, информираа од НБРСМ. 

Меѓу другото, резултатите посочуваат дека еден дел од испитаниците, во рамки на Aнкетата имаат дадено и оцени дека амбиентот на ниски каматни стапки е значаен за работењето на финансиските институции. Во однос на надворешното окружување, близу половината од испитаниците сметаат дека се значајни промените во меѓународните стандарди и регулативата. Кај групата останати ризици, околу 40 отсто од одговорите како значајни ги посочуваат ризиците од ИТ-системите и нападите од дигиталниот простор. Во изминатите години, состојбата во нашиот финансиски сектор во поглед на заштитата од сајбер-нападите постојано се унапредува, вклучително и преку зајакнување на регулаторната рамка.

Резултатите од Анкетата за оцена на ризиците врз финансиската стабилност се надоврзуваат на веќе објавените согледувања на меѓународните финансиски институции, коишто во рамки на своите извештаи искажаа позитивни оцени за стабилноста на нашиот финансиски систем.