December 8, 2022 23:08
Македонија

Ангелоски: За стопанството е битна секоја понуда за добивање поевтина електрична енергија

Секоја понуда и секоја можност за добивање на поевтина цена на електричната енергија од оваа која е на берзите за нас е огромна предност и би сакале да се имплементира секој дел од мерките кој е конструктивен и во вистински правец, истакна денеска претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Трајан Ангелоски.

– Денеска имавме посета од страна на раководството на главната опозициска партија на чело со претседателот Христијан Мицкоски и имавме можност да ги слушнеме нивните идеи во однос на енергетската состојба, кризата и предлози за нејзино подобрување и ублажување. Голем дел од тие предлози се многу интересни и ние првпат ги слушаме. Ја користиме нивната присутност уште еднаш да ги промовираме нашите барања дека треба да се влијае на поедноставување на процедурите за инвестирање во обновливи извори на електрична енергија, зашто сметаме дека треба да се купи само онаа енергија која е најнеопходна. На тој начин сите заеднички ќе придонесеме кон заштеда на енергијата, рече Ангелоски по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој нагласи дека цената на електричната енергија за стопанството е национален и државен проблем и затоа, како што рече, не треба да се делат предлозите дали доаѓаат од опозицијата или од власта.

– Единствено треба да се потрудиме да се извлечеме од оваа криза и да поминеме со што е можно помалку последици, потенцира Ангелоски.

Тој посочи дека голем дел компании членки на ССК се одлучуваат за инвестирање во обновливи извори на електрична енергија, а еден од чекорите за нејзино поставување се и градежните дозволи што ги дава локалната самоуправа.

– Ја искористивме денешната средба, на која имаше и многу градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, да побараме од нив да вложат дополнителни напори што е можно повеќе да ги скратат процедурите времето за издавање на тие градежни дозволи се со цел да им излезат во пресрет на нашите членки и компании во целиот комплициран процес на добивање на дозволи за поставување на обновливи извори на електрична енергија како една од шансите за спас од високите цени на енергијата. Тоа мислам дека ќе ни значи многу, посочи Ангелоски и додаде дека им било ветено дека градоначалниците ќе вложат напори за постигнување на барања на ССК.