December 14, 2019 14:45
Економија

Ангеловска го претстави предлог-буџетот пред невладината, бизнис, и експертска јавност и синдикатите: инвестициите во човечки капитал во фокусот во 2020

11 ноември 2019, Скопје – Во фокус на Предлог-буџетот за 2020 година ќе бидат инвестициите во човечки капитал, односно во подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст реалниот сектор. Годинава инвестираме речиси 56% од вкупните буџетски расходи во областите врз кои се потпира човечкиот капитал, односно здравството, образованието и социјалата. Ова го истакна министерката за финансии Нина Ангеловска на презентацијата на предлог-буџетот за 2020 година пред бизнис заедницата, невладиниот сектор, синдикатот и експертската јавност, која се одржа денеска во Министерството за финансии.
Таа посочи дека ваквите настани се добра пракса, бидејќи може да се слушнат видувањата и мислењата од експертите, синдикатите, бизнис секторот и невладиниот сектор.
-Причината поради која поддршката на човечкиот капитал е во фокус, односно вложување во граѓаните и создавање на подобри услови за живот, е предизвикот со кој сме соочени како земја: да го задржиме и надградиме нашиот човечки капитал. Доколку не вложуваме континуирано во  човечкиот капитал, како земја нема да имаме работна сила подготвена за работните места на иднината, нема да бидеме конкурентни со светската економија и нема да може да го одржиме економскиот раст. Свесни сме дека како земја според индексот на човечки капитал, кој ја мери потенцијалната продуктивност на детето согласно инвестираното во него преку здравството, образованието и социјалната грижа, заостануваме во регионот. Добар Буџет, е оној Буџет кој ги адресира приоритетите – а приоритет за раст и напредок на земјата е човечкиот капитал – рече министерката за финансии Нина Ангеловска.
Министерката за финансии посочи дека буџетскиот дефицит за 2020 година е определен на ниво од 2,3%, односно на пониско ниво од годинава за која е проектиран дефицит од  2,5%, и 2018 година кога е проектиран дефицит од 2,7%. Ова е важен показател на силната определба за фискална консолидација, пропратена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден значителен фискален простор за поддршка на домашната економија и граѓаните и инфраструктурни проекти – посочи Ангеловска.
Министерката за финансии рече дека проекциите во буџетот се правени врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8% од БДП, кој се базира на растот на приватната потрошувачка, извозот и инвестициите – јавни и приватни.
Растот на нето платата во 2020 година е проектиран на 6,3%, што се темели на ефектите од зголемувањето на минималната плата, која ќе порасне за 2,000 денари од декември годинава, но и растот на платите во приватниот сектор, поддржани преку мерката за субвенционирање на приватните компании кои ќе ја покачат платата на вработените.
Стапката на невработеност вториот квартал во 2019 година изнесува 17,5%, додека во 2020 година се очекува да се намали на 16,1%. Стапката на вработеност се очекува да се придвижи нагоре до 48,2% во 2020 година.
Предлог буџетот од Министерството за финансии ќе се разгледува утре на владина седница. По усвојувањето на Предлогот од страна на Владата, истиот ќе биде доставен до Собранието.

Нови вести

Кредитната агенција „Фич” го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ+ стабилен

Valentina

Состанок на Министерскиот совет на Енергетската заедница, Копач го истакна напредокот на Северна Македонија во енергетскиот сектор 

Valentina

Колемишевски: Над 3 милиони евра кај граѓаните само преку мерката Мој ДДВ

zane