December 1, 2020 00:03
Македонија

Ана Петровска именувана за директор на Државниот инспекторат за животна средина

На вечерашната седница разрешен е и директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Фејзула Спахија и на оваа должност е именувана Ана Петровска.

Ана Петровска, член на Извршниот одбор на ДОМ.

Таа е инжинер архитект со долгогодишно искуство во животната средина и просторното планирање.

Била работно ангажирана во градежниот институт „Македонија”, Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови, „АБЦ консалтинг”, DHW, PM и Регионалниот центар за животна средина за централна и источна Европа (РЕЦ). Ставена е на листата на експерти за оценка на влијание врз животната средина, за стратегиска оцена на животната средина и управител со отпад, како и листата на експерти за оценка на влијание врз животната средина на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Ана Петровска има дадено придонес во апроксимацијата со правото на Европската Унија преку раководење многубројни проекти и процеси во земјата и Западен Балкан, а краткорочно била ангажирана и во Унгарија, Украина и во Грузија. Била и копретседавач на работна група за снабдување со енергија и паметни мрежи во рамките на европската платформа за паметни градови.

Во Македонија дала особен придонес во отстранувањето на оловниот бензин и воведувањето горива со ултраниско учество на сулфур, создавањето услови за издавање под концесија на регионалното интегрирано управување со цврст отпад, спроведувањето на енергетска ефикасност во индустријата итн.