December 6, 2022 20:32
Свет

Америка го обвини Иран за нападот на танкерите во Оманскиот Залив

За нападот на танкерите во Оманскиот Залив одговорен е Иран, изјави американскиот државен секретар, Мајк Помпео.

„Процената на владата на САД дека Иран е одговорен за нападот се базира на информации добиени од нашите тајни служби, потоа на информации за оружјето што е користено во нападот и за нивото на стручност кое е потребно за да се изврши таков напад.

Исто така, нашата процена за одговорноста на Иран за овој напад се заснова на сето она што го знаеме за неодамнешните ирански напади и фактот дека ниедна друга група што дејствува во таа област нема ниту ресурси ниту знаење за таква софистицирана акција“, рекол Помпео, а пренесе Си-ен-ен.

Ирански официјален претставник претходно изјави дека Иран нема никаква врска со експлозиите на двата танкера што се случија денеска.

САД претходните напади врз трговски бродови ги нарекоа неприфатливо дејствување, а пред Советот за безбедност на ОН за нападите на два нафтени танкера во Оманскиот Залив, по што еден се запали, рекле дека таквите акции иницираат сериозна загриженост.

Дипломати од Советот за безбедност изјавија дека САД имале намера да го постават прашањето за безбедноста и слободата на пловидбата во Оманскиот Залив за време на состанокот на Советот за безбедност, кој се одржува зад затворени врати.

Шефот на ОН, Антонио Гутереш, во меѓувреме предупреди дека светот не може да си дозволи голем конфликт во регионот на Заливот.