January 30, 2023 02:36
Свет

Американскиот Претставнички дом со уверливо мнозинство го усвои рекордниот воен буџет

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес вчера го поддржа законот со кој буџетот за одбрана следната година ќе достигне рекордни 858 милијарди долари, 45 милијарди долари повеќе отколку што предложи претседателот Џо Бајден.

Законот е усвоен со 350 гласа „за” и 80 „против”, што е далеку над двотретинското мнозинство потребно за негово усвојување, а сега следи документот да оди на гласање во Сенатот.

Со него се одобруваат 858 милијарди долари воени трошоци, вклучително и зголемување на платите за војниците од 4,6 отсто, фонд за купување оружје, бродови и авиони и поддршка за Тајван во екот на справувањето со кинеската агресија и Украина во борбата против руската инвазија.

Законот следната година ѝ доделува на Украина најмалку 800 милиони долари дополнителна воена помош и серија мерки за зајакнување на Тајван.

Законот одобрува и повеќе средства за развој на ново оружје и купување системи, вклучувајќи ги борбените авиони Ф-35 на „Локид Мартин” и бродовите на „Џенерал Динамикс”.