November 30, 2020 22:02
Македонија

Амди Бајрам нема да биде погребан во Алејата на великаните

По реакциите на социјалните мрежи на соопштението на партијата на починатиот експратеник Амди Бајрам, дека тој ќе биде погребан на Алејата на великаните, од АД Бутел за „Либертас“ појаснуваат дека информацијата е погрешна и дека Бајрам ќе биде погребан на муслиманска парцела веднаш зад еврејските гробишта во Бутел.

Поранешниот пратеник и политичар ќе биде погребан денеска, откако почина вчера на 64-годишна возраст.

Министерството за здравство вчера соопшти дека кај Амди Бајрам постмортем е утврдено дека бил позитивен на ковид-19. МЗ изрази сочувство до семејството и апелира, во интерес на заштита на нивното здравје, во целост да соработуваат со надлежните служби. Дополнително, да се избегнат сите погребни ритуали, а погребот да се спроведе согласно протоколите, како превенција од натамошно ширење на инфекцијата од ковид-19.

Синот на починатиот пратеник, Амди Бајрам, Габриел преку Фејсбук повика да се почитуваат мерките и на погребот на неговиот татко да се носат маски и да се одржува дистанца.