June 23, 2022 14:46
Македонија

Амандманска расправа за ребалансот на Буџетот на Комисијата за финансирање и буџет

На седмиот ден од амандманската расправа за Предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година на Комисијата за финансирање и буџет, до попладнево беа одбиени седум амандмани.

Од вкупно 204 поднесени амандмани, досега Комисијата расправаше за 39. Сите амандмани се одбиени, освен еден. Прифатниот амандман, во изменета форма, се однесува на тоа да се одвојат 2,5 милиони денари за расчистување на индустриската зона во Нерези.

Најмногу амандмани има поднесено пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, и тоа над 170, 28 се на Алијанса на Албанците и два на парламентарното мнозинство.

Согласно Деловникот за работа, расправата треба да трае 10 дена.

Со ребалансот на Буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Износот на вкупните расходи е 288,5 милијарди денари или за околу 161,1 милијарда денари (5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, но од власта најавуваат дека ќе продолжат проектите за изградба на патишта, железници, гасоводи. Се планира економскиот раст да биде 3,2 проценти, инфлацијата да достигне до 7,2 проценти, а дефицитот да биде 42,7 милијарди денари.

Амандманската расправа треба да продолжи по еден час пауза, односно во 15 часот.