February 3, 2023 11:15
Македонија

Алити: Со новите закони ќе ја стопираме злоупотребата на балансерот

Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити учествуваше на јавниот настан на тема: „На чија услуга е балансерот”, во организација на Здружение на граѓани ЦИВИЛ – Центар за слобода Скопје.

Министерот меѓу другото се осврна на активностите на МИОА во делот на стопирање на злоупотребата на Балансерот, како во случаи- кога на пример, кандидат на објавен конкурс аплицирал за три работни места со три различни националности.

,,Тоа ќе го стопираме со новите закони ЗВЈС и ЗАС, каде ќе ја задолжиме Агенцијата за администрација во нивниот софтвер систем да биде затворено полето за националност, исто како што е за единствениот матичен број. Имено, откако еднаш кандидатот при креирање на профилот веќе се изјасни за националноста, да не може после една минута тоа да го промени”, рече министерот Алити.

Во случај да се згреши при аплицирањето, кандидатот ќе може да испрати барање до Агенцијата, за да се исправи грешката, со што ќе се среди делот на злоупотреба.