September 23, 2019 05:11
Ракомет

Алиловиќ: Капа долу за играчите на Вардар

Мирко Алиловиќ од Пик Сегед, со години еден од најдобрите ракометни голмани во светот, не може да ја заборави елиминацијата од Вардар во четврт-финалето во Лигата на шампионите.

Минатата сезона Пик Сегед имаше големи амбиции, посакуваше пласман на завршниот турнир во Лигата на шампионите, но тој сон му го урна Вардар. Во четврт-финалето Вардар во Скопје победи 31:23, а во реваншот Пик Сегед славеше 29:25, иако на полувремето имаше предност од 17:9, а во вториот дел двапати и водство од девет гола.

На крајот, Вардар, кого, поради финансиските проблеми, сите го отпишаа, избори пласман на завршниот турнир, а потоа и ја освои титулата, втора во клупската историја.

Алиловиќ не може да ги заборави тие четвртфинални пресметки и не верува дека Вардар ќе исчезне од ракометната мапа.

„Слушнав дека потпишуваат со некои ракометари, дека клубот ќе продолжи да работи, јас од срце им го посакувам тоа, иако долу загубив со десет разлика. Но, да се игра во Скопје е неповторливо искуство. Во стотици арени сум играл во својата кариера, но никаде не сум доживеал некој со толку емоции да го бодри својот клуб. Никаде не сум видел толку неверојатна љубов и емоции… Клубот се дави во финансиски проблеми, се гаси, играчите со месеци не добиваат плата, но беа сплотени и на крајот ја освоија титулата. Нема што да се каже, само: „капа долу, момци“. Други играчи веројатно ќе си заминеа уште на полусезоната, но тие останаа, ја освоија Лигата на шампионите и се запишаа во историјата“, рекол Алиловиќ.

Вардар на завршниот турнир со епски пресврт ја победи Барсеона во полуфиналето (29:27), а потоа во финалето го победи и Веспрем (27:24). Алиловиќ смета дека во два дена, колку што трае завршниот турнир, треба да се поклопат коцките, односно тројца расположени играчи гарантираат титула.

„Вардар? Губеа осум разлика во полуфиналето и направија пресврт во последните 15 минути, а потоа доминираа во финалето против Веспрем… Претходно тоа го направи Монпелје, го елиминира Фленсбург, па Барселона, го победи Вардар и на крајот Нант… Тоа е таков викенд, во тие два дена или ти се поклопуваат работите или не. Ако тројца играчи имаат добар викенд, тоа е најдобар рецепт за освојување на титулата. Најтешка работа во сезоната е да се пласираш на завршниот турнир“, заклучил Алиловиќ.

Нови вести

Словенецот Пелко стана „вардарец“

24info

Две дами ќе го предводат ЖРК Вардар

24info

Познати ривалите на Вардар во новата сезона од ЛШ

24info