October 25, 2020 06:23
Култура

Александра Пешевска, лауреат на ФКТ „Ристо Шишков”: Наградата ја посветувам на татко ми, актерот Живко

Актерката на кумановскиот театар Александра Пешевска  ја доби наградата за најдобро актерско остварување на 28-то издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков”. Таа е наградена за улогата на Кејт во претставата „Телефонот на мртовецот” од Сара Рул, во продукција на театарот од Куманово во режија на Александар Ивановски.

По врачувањето на наградата истакна дека се надевала оти ќе ја добие престижната награда.

-Без лажна скромност се надевав, затоа што кој ја следеше претствата можеше да забележи дека имав габаритна улога, тешка претстава и тоа не само за мене, туку за сите актери. Морам да кажам дека наградата е и на театарот и на цела наша екипа. Сите се заслужни. Меѓутоа, понесена од различни искуства од порано не сакав премногу да се надевам. Многу пријатно сум изненадена, посебно што во такви услови се случи фестивалот, вели Пешевска.

Што значи наградата за вас?

-Таа значи многу за мене. Јас за Шишков имам слушано откако почнав да зборувам, од дете, од двегодишна возраст. Верувам дека оваа награда е најзначајна за секој актер од сите други што се доделуваат во нашата скромна земја, бидејќи е единствена и е само една и гласи за актерско остварување.

Фестивалот се одржа во услови на пандемија. Што правевте во овие шест-седум месеци откако е прогласена епидемијата?

-Прво не ја сфативме пандемијата премногу сериозно и дека толку многу ќе трае и некако не најде сите како затечени. За актерите е многу тешко, бидејќи проби, адреналин нема и кога сфативме дека работата е сериозна повеќе отколку што очекувавме, единствено добро нешто беше што големите европски и светски театри одлучија да почнат со онлајн претстави. Два и пол месеци тоа работевме. Бркавме ликови, гледавме се што може да изгледаме од големи и важни режисери, кои реално немаме прилика вака да ги видиме. И тоа колку-толку ја ублажи работата. Сакам да го спомнам татко ми. Прво што помислив, кога рекоа толку долго време ќе биде „локдаунот” и кога беше затворен нашиот, кумановски, театар и се отвори 1992 година, и тогаш кога беше затворен сите актери беа во театарот и чуваа стража, не сакаа да си заминат дома. Ние, тогаш деца, им носевме леб, вода и кога го прашав татко ми зошто си толку тажен, тој ми објасни:да му земеш на актер да не дојде на претстава, да не игра, е исто како на фудбалер да му ја земеш топката. И сега разбрав што значи тоа. Го истуркавме овие 6-7 месеци и ќе видиме што понатаму.

Што понатаму?

-Ништо, ќе измислиме некој начин, некој протокол за да биде побезболно и ќе одржуваме проби. Ќе одржуваме некои проби, се надевам ако не послужи времето ќе можеме да го искористиме отворениот простор, дворот, како што игравме сега детска претстава.

Дали наградата ќе му ја посветите на Живко Пешевски?

-Да, секако, му ја посветувам на Живко Пешевски.