January 24, 2021 04:47
Балкан

Албанскиот Парламент донесе одлука за формирање анкетна комисија за извештајот на Дик Марти

По предлог на координторот на пратеничката група на владејачката социјалистичка партија, Таулант Бала, албанскиот парламент донесе одлука за формирање анкетна комисија, во врска со извештајот на Дик Марти.

Одлуката е донесена со 83 гласови „за”, 10 против и исто толку воздржани. Членовите на комисијата ќе бидат избрани на следната седница на парламентот.

Образложувајќи го предлогот Бала рече дека комисијата ќе ги испитува тврдењата на Марти, дека „на територијата на Албанија биле вршени злосторства проTив човештвото во рамки на војната на ОВК,што нема никаква основа”.

-Сите се согласуваме дека во Албанија никогаш не се случиле воени злосторства. Борбата за слобода и независност никогаш не е воено злосторство. Во овој контекст, би сакал да имам многу конструктивна дискусија со координторите на пратеничките групи со цел да ги избереме најдобрите 9 пратеници на Собранието, кои ќе бидат дел од оваа комисија. Никогаш не треба да ја политизираме оваа комисија. Денес се наоѓаме во момент кога од резолуцијата и извештајот поминавме во фаза кога се покренати обвиненија против борци на Косово. Албанија денес е во официјален документ на една специјална комора, во рамките на Хашкиот трибунал, што треба да се верифкува, рече Бала.

Комисијата треба да подготови детален извештај за сите прашања за кои се тврди дека е вмешана Албанија, од кампови за обука во северниот дел на земјата, до т.н. жолта куќа во селото Гур,општина Бурел,во североисточниот дел, каде се смета дека им биле вадени органи на заробени пред се Срби,но и Роми од Косово.

Извешатјот треба да го презентира во албанскиот парламент во рок од 3 месеци.

По подигнувањето на обвиненијата за водачите на ОВК од страна на трибуналот во Хаг, меѓу албанските сегашни и поранешни функционери и лидери на партии се разви дебата на меѓусебно обвинување за тоа кој е поголем виновник што денес во Хаг се „луѓето кои се бореле за слобода на Косово”.

Премиерот Еди Рама неколкупати јавно ги праша Сали Бериша и Илир Мета зошто гласаа за извештајот на Дик Марти во Советот на Европа, додека Љуљзим Баша директно го обвини дека ја помагал истрагата на Марти,што тој го отфрли.

Од друга страна, опозицијата појасни дека претходната влада никогаш не гласала за извештајот на Дик Марти, туку за резолуција со која се бара истрага за прашањата покренати во тој извештај со кои се инкриминирала ОВК и оти нејзина цел била да се докаже праведната војна на ОВК.