April 21, 2021 00:18
Македонија

Алаѓозовски на средба со претставници на српската заедница: Пописот е статистичка операција која ќе даде јасна слика за потребите на сите етнички заедници во нашата држав

Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, денеска оствари средба со претставници на српската етничка заедница во Северна Македонија. Фокусот на средбата беше важноста од спроведување на успешен попис, во контекст на заложбите на Владата интегрирани во Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот 2020-2022 година.
На состанокот присуствуваа претставници на граѓански здруженија, а присутен беше и Милутин Станчиќ, директор на Управата за унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците.
Посочувајќи дека претстојниот Попис 2021 е многу важна операција за добивање статистички податоци за лоцирање на потребите од преземање мерки во поглед на подобрување на животниот стандард на најмаргинализираните категории граѓани, на состанокот беше упатена порака за потребата од широка поддршка од сите заедници на овој методолошки процес.
На состанокот, присуствуваше и Јасмина Ѓоргиева, координатор на Секторот за дисеминација и односи со јавноста во Државниот завод за статистика која ги презентираше најважните аспекти од процесот, со особен осврт на самото попишување. Тоа што беше од најголем интерес и беше поздравено од сите присутни е што секој граѓанин доколку побара ќе може да биде попишан на својот мајчин јазик, независно дали е тоа македонски, албански, српски, турски, влашки, ромски или босански јазик.
Исто така, на средбата се разговараше за заштитата на личните податоци и безбедноста на целиот процес на попишување.
Беа разменети информации за важноста на Пописот како статистичка сложена операција, која ќе даде одговор за бројноста на населението, семејствата и живеалиштата, со цел преземање на соодветни политики за создавање еднакви животни услови за сите категории граѓани.
Заклучокот на средбата беше дека за да имаме успешен попис неопходна ќе биде вклученост на сите. Само на тој начин ќе имаме попис со релевантни податоци кои се основата за креирање на квалитетни политики кои одговараат на потребите на сите.