September 15, 2019 08:15
Магазин

Акју ведер: На Европа летово ѝ се закануваат топлотни бранови и бури

На поголемиот дел од Европа ова лето му се закануваат опасни топлотни бранови, додека Југоисточна Европа и Балканот ги очекуваат силни бури, објави метеоролошкиот сервис Акју ведер (AccuWeather ) во својата голема прогноза за летото што доаѓа за Стариот Континент.

– Долгорочните периоди на суша на земјоделците ќе им предизвикаат проблеми, а сушно време се очекува низ континентот, пишува Акју ведер во својата прогноза.

Додека поголемиот дел на Европа ќе биде под удар на сушно време и опасни топлотни бранови, на поголемиот дел од Балкан му се закануваат чести бури со силни грмежи. Ова особено важи за подрачјето на Далмација, но и во јужните делови на континентална Хрватска, пренесува Индекс.хр.

– Иако делови од Балканот нема да бидат имуни на топлинските бранови, екстремните жештини ќе бидат ограничени, пишува Акју ведер.

Опасни бури му се закануваат на подрачјето од Грција до Србија, Романија и Бугарија, но и на делови на Јадранот.

– Овие бури ќе донесат голем број молњи, поплави предизвикани од поројни дождови, како и оркански ветрови и град, предупредуваат метеоролозите и додаваат дека најсилните бури би можеле да доведат и до создавање торнада.

Вакви силни бурни најмногу се очекуваат во попладневните и вечерните часови.

– Најголема опасност ќе донесат орканските ветрови, градот и поројните поплави, се заклучува во прогнозата за Балкан.

Летото во Европа ќе го одбележат и долготрајни топлотни бранови кои ќе го зафатат подрачјето од Португалија и Шпанија па сè до Полска и Унгарија. Жештините ќе почнат уште во јуни во Шпанија и Португалија, а подоцна ќе се шират кон северниот и источниот дел на континентот.

Жештините ќе бидат подолги од минатото лето, кога во делови од Португалија, Белгија, Холандија, Германија и Скандинавија беа регистрирани рекордни температури, но главно траеја само една недела.

Дури и кога ќе попуштат најинтензивните топлотни бранови, ќе следува само кус период на просечни температури, пред повторно да се качат на опасни нивоа.

Температури повисоки од 38 степени се очекуваат од северна Франција, Белгија и Холандија па сè до Полска, Словачка и Унгарија.

– Температурите во некои делови на јужна и источна Франција од јуни до почетокот на август ќе достигнат преку 40 Целзиусови степени, изјави метеорологот Тилуер Ројс.

Делови од Шпанија и Португалија ги очекуваат врели бранови кои ќе траат со денови, а температурите ќе бидат повисоки од 43 степени. Покрај тоа и ноќите ќе бидат многу жешки, па така жителите ни тогаш нема да почувствуваат освежување.

Интензивните топлотни бранови и долгите периоди на суво време летово ќе предизвикаат и голема опасност од пожари во поголемиот дел од Западна и Централна Европа.

Подрачја со најголем ризик ќе бидат оние од северна Португалија до северна Шпанија и од Алпите до Германија и Чешка.

Влажната зима и пролет во поголемиот дел од Западна и Централна Европа ќе резултираат со побујна вегетација од претходните години. Меѓутоа, со оглед на тоа што на почетокот од летото ќе преовладува суво време, опасноста од пожари ќе биде уште поголема.

Сушни периоди ќе доминираат во поголемиот дел од летото и низ Ирска, јужните делови на Велика Британија и северна Франција.

Температурите генерално ќе бидат околу или над просекот од јуни до август. Ќе бидат можни и куси топлотни бранови, но нема да траат подолго од три до четири дена.

– За време на овие жешки периоди температурите можат да достигнат 32 Целзиусови степени, прогнозира Акју ведер.

Нови вести

Научно докажано: Луѓето стануваат се поглупи

Igor

Од британска палата украдена златна ВЦ школка вредна 5 милиони долари

zane

Седми роденден на „Лице в лице” и промоција на 37. издание на списанието за одржлив развој

zane