April 21, 2019 20:57
Македонија

Активни четири шумски пожари кај Македонски Брод, пожарот на Скопска Црна Гора под контрола

Пожарот на Скопска Црна Гора што избувна вчера е ставен под контрола. Екипите се на терен и интервенираат за целосно да го изгаснат, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Во Македонски Брод има четири активни шумски пожари – во атарите на селата Крушје, Локвица, Грешница и Долно Ботушје. На терен се пратени екипи од Шумско стопанство Сандански – Македонски Брод.

Сè уште е  активен пожарот што почна вчера кај местото Висока глава во битолското село Метимир. Како што информира ЦУК, таму гори сува трева во стара сеча. Од утрово на терен интервенираат вработени во Шумско стопанство Кајмакчалан – Битола. Локализирани се пожарите во атарите на струшките села Поум и Луково.

– Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните да внимаваат при посети на отворени места или при работни активности во шумите и на други локации кои се со обрасната или необрасната шума. Поради опасноста од пожари, посебно се предупредува да не се палат стрништа или оган на отворен простор на необезбедени места, меѓи и други површини, да не се фрлаат шишиња и друга стаклена амбалажа и отпад, да не се врши палење отпад и друг запалив материјал и да не се фрлаат остатоци од цигари на отворен простор, соопшти ЦУК.

Ги повикува граѓаните доколку забележат сомнителни места каде што има оган или чад веднаш да ги известат надлежните служби во најблиските институции или да се јават на 195 – телефонски број за итни повици на Центарот за управување со кризи.

-Потенцираме и дека државните инспекторати за земјоделство и за шумарство и ловство вршат постојани контроли на терен со цел превенција од пожари предизвикани од палење стрништа. Лицата кои ќе се затекнат како палат оган на отворен простор или, пак, поради невнимание предизвикале пожар, подлежат на законски санкции. За намерно предизвикување  пожари, претстојат кривични пријави и предвидени парични и затворски казни, предупредува ЦУК.

Нови вести

(Живо) ДИК почна со објавување на првичните резултати од изборите

Filip

Иванов: На новиот претседател му посакувам многу помирен мандат

Igor

Кирацовски: Изборниот ден помина во мирна, фер и демократска атмосфера

Filip