December 9, 2022 00:10
Македонија

Ако нема договор со „Адора”, има решение во рамки на Законот за управување со кризи, порача Андонов

Доколку не се постигне договор со „Адора” за топланите, има решение согласно Законот за управување со кризи, а со кој Владата има право да ги стави на располагање сите ресурси на државата, и на јавните претпријатија и на приватните компании, за обезбедување на јавната услуга, информира денеска советникот за енергетика во Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски, Виктор Андонов.

На новинарско прашање до каде се преговорите со „Адора” за топланите „Исток” и „Запад”, со оглед на инсистирањето на оваа компанија за нивна продажба, Андонов рече дека Владата прави се за да се обезбеди топлина за граѓаните и оти нема да потпадне под притисоци и уцени за, како што рече, некои да ја искористат ситуацијата во која се наоѓаме.

– За да се случи продажба треба некаква процедура. Таа процедура не може да се направи во пет дена. И досега електраните функционираа на закуп, така што интенцијата на Владата е истото да се заврши до крајот на грејната сезона, ЕСМ да го добие закупот од „Адора” за електраните, како што било и досега. Има решение и доколку не се договориме во рамки на Законот за управување со кризи. Согласно со Законот за управување со кризи, Владата има право да ги стави во располагање сите ресурси на државата, вклучувајќи ги и јавните претпријатија, вклучувајќи ги и приватните компании, со цел обезбедување на јавната услуга, рече Андонов.

Тој тврди дека во домовите во Скопје ќе има парно на 15 октомври и посочува дека има оптимизам од двете страни во разговорите со Србија за набавка на гас оттаму и оти ќе се обезбедат потребните количества на гас за работа на ТЕ-ТО и на топланите.

Вториот аспект, како што посочи Андонов, е електраните да работат и на мазут, а потребните количества на овој енергенс ќе се обезбедат од Грција.

– Државата ќе купи гас од Србија, а потоа ќе се произведе електрична енергија и ќе се продаде на Србија. Ние ќе го платиме количеството на гас, а тие количината на струја. Количината струја што ќе остане ќе биде продадена на индустријата, по цени кои ќе бидат прифатливи за нив и кои ќе бидат излезни во зависност од цената на гасот. Топлината ќе се продаде на граѓаните, информираше Андонов.