December 8, 2022 03:18
Скопје

Ако некој сакал да „испумпува пари“ немало во касата на општина Гази Баба да остави 3 милиони евра и ниту денар долг

Реакција на прес-конференција на Димче Арсовски

 

Во отсуство на проекти ВМРО ДПМНЕ неспособноста од своите градоначалници сака да ја прикрие преку изнесување на невистини спакувани во бомбастични лажни афери. Го повикувам новиот градоначалник на Гази Баба да не чека ниту минута и веднаш да формира комисија која на терен ќе изврши надзор за реализацијата на оваа тендерска постапка. Комисијата врз основа на документацијата лесно може да утврди кога и каде се поставени новите улични линии.

Најодговорно тврдам дека сите предвидени активности со посочената постапка се уредно извршени за што постојат и соодветни налози.

Мојата работа во општината Гази Баба изминатите четири години ја водев домаќински,  оставајќи на новиот градоначалник 3 милиони евра полна каса и уште поважно ниту денар долг. Оставајќи општина со започнати проекти за водовод, канализација, нови училишта, сали  и детски градинки кои само треба да бидат продолжени.

Граѓаните очекуваат од новите градоначалници резултати, очекуваат конечно новата локална власт предводена во огромен број општини од страна на ВМРО-ДПМНЕ да започне со реализација на дадените ветувања, а не само да се сликате и фалите со проекти започнати од вашите претходници.

На крај барам јавно извинување за искажаните лаги од портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Димче Арсовски, во спротивно истите тврдења ќе треба да ги докаже на суд.

Со почит,
Борис Георгиевски