August 10, 2022 22:20
Економија

Азевски во МВР побара брзи и ефикасни постапки за добивање документи потребни за бизнисот на странските лица

 Забрзување на постапките за регулирање или продолжување на престојот на странците, дигитализација на постапките за издавање или обновување на дозволите за престој, one-stop-shop систем за да може повеќе различни документи странците да ги добијат од едно место, подобрување на функционалноста на МВР во делот на условите, работното време и бројот на стручни лица кои постапуваат по поднесените барања за работа и престој на странците се прашањата за кои, на 29 јули 2022 година, на иницијатива на Стопанската комора на Северна Македонија, се одржа работна средба со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и претставници од сите надлежни сектори, агенции и институции кои се поврзани со администрирање на постапките за добивање на дозволите за работа и престој на странските државјани во земјава.

Претседателот на СКСМ, Бранко Азески и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, се согласија дека решавањето на овие проблеми треба да бидат од особен приоритет, со цел создавање подобар деловен амбиент за работа во земјава, подобрување на перцепцијата на странските, но и домашните бизнисмени за она што им е најважно – а тоа се брзи и ефикасни административни постапки за добивање на потребните дозволи, уверенија и други документи потребни за нивниот престој и работа во земјава.

Во анкетните истражувања на Комората, а посебно и на Советот на странските инвеститори при Комората, во континуитет се посочува потребата од реакција на надлежните институции (МВР, Агенција на вработување, МНР) за наоѓање соодветни решенија за правните и фактичките пречки кои ја отежнуваат постапката за регулирање на престојот на странци заради извршување на работните обврски во земјава, истакна д-р Елена Милевска Штрбевска, потпретседател на Комората. Таа посочи и конкретни примери кои компаниите често ги истакнуваат како проблем, а тоа се: нерепрезентативните услови во просториите кај што се поднесуваат и подигнуваат дозволите за престој на странци,  ограниченото време од само неколку часа, во два дена во неделата за поднесување на документите во МВР, пречекорување на законските рокови од сите надлежни институции вклучени во овој процес (мислења од АВРМ, комплетирање на документација од подносителите, други дополнителни проверки), малиот број лица кои постапуваат по барањата, неможноста голем дел од овие прашања да се изведат дигитално, со користење електронски потпис, апликации за електронско фотографирање и слично.  Надлежните институции, преку нивните началници, раководители и други надлежни лица кои беа присутни на состанокот (МВР, Агенција на вработување, МНР) отворено зборуваа за овие прашања на средбата, во конструктивна атмосфера која придонесе да се преземат конкретни активности за нивно решавање. Според кварталните извештаи на МВР, кај значаен дел од предметите се пречекоруваат законските рокови, делумно поради недоволната кадровска екипираност и нефункционалниот меѓуресорски информатички систем, а делумно и поради некомплетирана документација од подносителите.

Агенцијата за вработување на РСМ, пак, ја посочи законската можност за сезонски работници во сите сектори, која, македонските бизнисмени многу малку ја користат, а е функционално и соодветно решение за многу случаи за кои во моментот имаат заглавени барања за регулирање на престојот и работата на нивните странски работници.

Надлежните институции остануваат отворени за соработка со Стопанската комора на Северна Македонија и во разговорите и изнесените предлози на Советот на странските инвеститори, но и забелешките на домашните производители, за соодветни измени и дополнувања на законската регулатива која ја регулира оваа материја, не отстапувајќи од веќе усогласените ЕУ практики, а притоа земајќи ги предвид и искуствата на бизнис-заедницата за унапредување на овие процеси по примерите на западно-европските искуства од каде што тие доаѓаат или вршат трансфер на know-how.

Процесот на взаемна координација и консултација за сите значајни прашања ќе продолжи поинтензивно во првата половина на септември оваа година.