December 10, 2022 07:36
Скопје

Аеродром доби ново мултифункционално,  спортско и детско игралиште 

Општина Аеродром доби ново мултифункционално, спортско и детско игралиште лоцирано на булеварот ,,Февруарски поход”. Игралиштето кое веќе е атрактивна локација за жителите на овој дел од општината е направено со поддршка од компанијата ,,Рагуза Груп” во чест на нејзиниот основач и прв сопственик, Мирослав Голомеиќ – Мирко 919.  Компанијата „Рагуза Груп” е пример за општествена одговорност која преку инвестициите и соработката со локалната самоуправа придонесува за подобрување на животот на граѓаните на Аеродром. 
 
Со новоизграденото игралиште, дечињата и младите од „Тодор Чангов”, „Февруарски поход” и околината добија ново катче за забава, дружење и спортување, изведено согласно сите стандарди за објекти од ваков вид. Целото игралиште е оградено, а пристапот се наоѓа од внатрешната страна, со што е целосно безбедно за користење. 
 
„Аеродром е урбана и спортска општина. Работиме на обезбедување на целосно нова инфрастуктура во делот на спортот и рекреацијата. Со големиот број на тековни инвестиции и проекти вложуваме во здравиот живот и во развојот на младите жители на општината”, истакна градоначалникот Муцунски. 
 
Општината Аеродром до крајот на годината ќе реализира уште неколку спортско рекреативни објекти и ќе продолжи со работа за обезбедување услови за забава и рекреација на најмладите во сите делови од општината.