April 20, 2021 18:44
Свет

Администрацијата на Бајден не брза да ги укине санкциите за Венецуела

 Американскиот претседател Џо Бајден и неговата администрација нема да брзаат да ги укинат санкциите воведени против Венецуела, но ќе размислат за нивно олеснување доколку дојде до промена во политичкиот наратив на Николас Мадуро.

Како што пренесуваат странските агенции, доколку Мадуро преземе чекори што ќе доведат до градење доверба, постои можност Бајден да ги ублажи санкциите против оваа јужноамериканска држава.

Според претставници на Белата куќа, иако постојат одредени санкции против Венецуела, тие имаат доволно посебни одредби кои овозможуваат испраќање хуманитарна и други видови помош за да им се помогне на Венецуелците да ја надминат пандемијата на коронавирусот, но и на растечките економски проблеми со кои се соочува оваа земја.

Засега, Бајден е подготвен да се придржува до специфични санкции во врска со казните во нафтениот сектор, пренесуваат американските медиуми.

Сепак, за разлика од поранешниот претседател Доналд Трамп, Бајден ќе се обиде да ангажира уште неколку земји кои ќе помогнат во решавањето на проблемот меѓу Венецуела и САД.

„Не брзаме да ги укинеме санкциите. Доколку режимот преземе одредени чекори што би довеле до разговори со опозицијата, ќе размислиме за ублажување на санкциите”, рече еден од официјалните лица.

Исто така, администрацијата на Бајден јасно стави до знаење дека ќе продолжи да го поддржува лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо како привремен претседател на Венецуела.

Официјалните лица се осврнуваат и на можната промена во пристапот на Бајден кон „кубанскиот проблем”.

Како што истакнуваат, иако промените во пристапот може да имаат позитивен ефект врз геополитичките трендови, тие во моментов не се во фокусот на новата администрација на САД, затоа е истакнато дека државата мора да се фокусира на пандемијата, економското закрепнување и обновување на односите со сојузниците во светот.